• вторник, 24 декември 2024

Пресечен канал за трговија со дрога, заплената во вредност од околу 300.000 евра

Пресечен канал за трговија со дрога, заплената во вредност од околу 300.000 евра

Скопје, 6 април 2023 (МИА) - Во патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки пронајдени се четири патни торби со околу 100 килограми висококвалитетна марихуана во вредност од околу 300.000 евра.

Дрогата, како што денеска соопшти Министерството за внатрешни работи, најверојатно потекнува од фабрика за производство на масло од канабис за медицински цели и при улична продажба би достигнала цена од 600.000 евра.  

Министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени три лица - Б.А.(37) од село Буковиќ, општина Сарај, М.А.(21) од село Копаница и Н.А.(18) од село Буковиќ. 

- Имено, околу 20:00 часот на бул.„Маршал Тито“ во Неготино, полициски службеници дале наредба за запирање на возило „шкода октавија“ со скопски регистарски ознаки, но возилото не застанало, а веднаш потоа било запрено патничкото возило „мерцедес“. Притоа, возачот Б.А. се обидел да избега, но набргу бил фатен, а при преглед во возилото била пронајдена дрогата. Набргу, по преземени мерки било пронајдено и запрено и возилото „шкода октавија“, кое го управувал М.А., а совозач бил Н.А., кое играло улога на претходница на возилото „мерцедес“. Подоцна, со судска наредба, биле извршени претреси во домовите на приведените лица, при што кај М.А. биле пронајдени и одземени два пиштола, кои ги поседувал без дозвола, соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР.   

Во текот на денот, како што најавуваат од МВР, ќе бидат извршени вонредни контроли во фабрики за производство на масло од канабис за медицински цели во околината на Кавадарци и Неготино. цр/бак/

 

  • Фото:МВР 
  • Видео:МВР

Остани поврзан