• среда, 25 декември 2024

Препорака на КЗБ: Брзи антигенски наместо ПЦР-тестови за КОВИД-19 при дијагностички процедури

Препорака на КЗБ: Брзи антигенски наместо ПЦР-тестови за КОВИД-19  при дијагностички процедури
Скопје, 25 мај 2022 (МИА) - Стабилна е состојбата со КОВИД-19 во земјава, има намалување на дневната инциденца и сметаме дека нема потреба од дополнителни интервенции коишто би требало да направат одредени измени во начинот на кој се контролира трансмисијата на вирусот, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести по денешниот состанок. Комисијата на состанокот денеска одлучила да препорача при дијагностички процедури да се користат брзи антигенски тестови наместо ПЦР-тестовите кои сега се бараат, за пациентите да не се изложуваат на дополнителни трошоци. Брзите тестови се и поедноставни и според Министерството за здравство, како што рече д-р Мехмедовиќ, на секоја јавна здравствена установа ѝ се достапни на користење околу илјада антигенски тестови за детекција на коронавирусот. -Залихи има, граѓаните не треба да ги купуваат, може да ги добијат во самата установа каде што се упатуваат на дијагностика или на дополнителна процедура. Исто така, комисиите за интерхоспитални инфекции се задолжени да изготват соодветен протокол како да се користат антигенски тестови и дали таму каде што не е можно да се користат брзи антигенски треба да се користат ПЦР-тестови, рече Мехмедовиќ на прес-конференција. хс/лв/

Остани поврзан