• вторник, 24 декември 2024

Преполно на отворањето на Филозофскиот филмски фестивал, вечерва проекција на „Кралевите на светот“ и „Туки Буки“

Преполно на отворањето на Филозофскиот филмски фестивал, вечерва проекција на „Кралевите на светот“ и „Туки Буки“

Скопје, 3 јуни 2023 (МИА) - Киното „Мирно лето“ во Кинотеката, вчеравечер беше претесно да ги собере гостите и посетителите на отворањето на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Место повеќе се бараше за премиерната проекција на филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков, а со особено внимние беше проследен и музичкиот перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа, емисари на новиот македонски бран на џез музика.

За „Некрстени денови“ филм кој плени со раскошна визуелност и со апокалиптичката приказна сместена во предворјето на Втората светска војна, публиката имаше можност за исцрпна дискусија со режисерот Трајков кој специјално за оваа пригода допатува од Чешка.

Од името на организаторот на Фестивалот, Филозофското друштво на Македонија, поздравно обраќање имаше неговиот престедател, Љупчо Митковски. Тој потенцираше дека она што пред 13 години започна како иницијатива на неколкумина тогашни студенти на Институтот за филозофија кои ги поврзуваше љубовта кон филмот и желбата да се има неформален простор да се дискутира и промислува за и околу филмот, низ годините се концептуализира и отелотвори во меѓународно препознатлив и автентичен Фестивал.

-Во светот постојат едвај неколку фестивали со ваков предзнак, повеќето веќе згаснати, но само нашиот, благодарејќи на тимот непоправливи ентузијасти успеа да се закотви и да етаблира консеквентна програмска рамка. Затоа, не само ние, туку чинам дека и целата македонска културна јавност имаме поткрепени разлози да бидеме горди на овој факт што укажува на уникалност, истакна Митковски.

За овој единствен фестивал кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност директорката на ФФФ, Ана Дишлиеска Митова во фестивалскиот каталог ќе забележи оти се надева дека посетителите ќе уживаат во годинешната програма.

-Во нашата годинешна „фабрика на соништа“, како што би рекол, Годар, се надеваме дека секој еден од вас ќе си најде некое мало и убаво филмско задоволство, малку поттик и инспирација, малку оддишка или (филозофско/човечка) рефлексија среде нашата изворна запрашаност пред човечката состојба и дека секој еден филм, ќе биде еден искачен врв, еден отворен поглед и еден отсонуван (колективен) сон, уште една година заедно, во нашето омилено место, Кинтеката на Северна Мекедонија, вели Митова.

Фестивалската програма продолжува денеска од 18.30 часот во Кинотеката со проекцијата на филм од официјалната селекција „Кралевите на светот“ (2022) на режисерката Лаура Мора, со која по филмот ќе биде организирана онлајн сесија на прашања.

Исто така, од 21 часот во летното кино „Мирно лето“ во рамки на ревијалната програма ќе биде прикажан филмот од 1973 година „Туки Буки“ на „сенегалскиот Годар“, Џибраил Диоп Мамбети, а излагање за филмот и дискусија со присутната публика ќе има професорот Нил Кенеди.

Утре, в недела, како дел од официјалната селекција од 18.30 часот е филмот „План 75“ (2022) на Чие Хајакова. Од 21 часот, пак, во киното „Мирно лето“ како дел од ревијалната програма посветен на годинешниот фестивалски фокус кон Жан Лик Годар ќе биде прикажан „Во темнината на времето“. Потоа следуваат осум наслови од официјлната селекција на краткометражни филмови: „Сè по старо“, Лојд Ли Чои, „Над површината“, Јела Хаслер, „Ќебенцето“, Тепо Ајраксинен, „Бездомник“, Дајан Вејс, „За мене“, Али Асгари“, „Семка од авокадо“, Ари Зора“, „Второ лице“, Рита Барбоса, „Ноќна светлина“, Ким Торес.

Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и Кинотеката. Институционални поддржувачи на ФФФ се Агенцијата за филм и Министерството за култура. Годинава Ревијалната програма „Филм-философија“ се реализира во партнерство со МЕДИА Деск МК. Во подготовката на ова издание значајна поддршка дадоа Амбасадата на Кралството Шпанија, Амбасадата на Република Полска, Музејот на современата уметност, како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.

Филозофскиот филмски фестивал, како што посочуваат организаторите, е еден од ретките филмски фестивали во светски рамки што продуктивно ги истражува плуриперспективните димензии на релацијата меѓу филозофијата и филмот. вг/

Остани поврзан