• среда, 08 април 2026

Премиерот Мицкоски и градоначалникот Митески извршија увид во градежните работи во општина Аеродром 

Премиерот Мицкоски и градоначалникот Митески извршија увид во градежните работи во општина Аеродром 

Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, денеска извршија увид во градежните работи на клучна сообраќајница во Мичурин.

На денешниот настан беше кажано дека почната е целосната реконструкција на една од најзначајните улици во населбата Мичурин во општина Аеродром, „Симеон Кавракиров“.

Премиерот и градоначалникот извршија увид во почетокот на градежните активности, со што официјално се означи почнувањето со реализација на овој значаен инфраструктурен проект.

Со должина од 485 метри, улицата Симеон Кавракиров претставува важна сообраќајна артерија на која секојдневно се одвива интензивен сообраќај.

Реконструкцијата има цел унапредување на безбедноста, мобилноста и севкупниот квалитет на живот на граѓаните.

Проектот опфаќа целосна обнова на коловозот, изградба на нови и безбедни тротоари, поставување нова асфалтна конструкција. Вкупно 3.950 квадратни метри асфалт и 2.305 квадратни метри тротоари со бекатон. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 22.630.000 денари.

Како што беше посочено, реконструкцијата на улицата Симеон Кавракиров е дел од поширок инфраструктурен зафат на општина Аеродром, што опфаќа реконструкција на 18 улици во вкупна должина од 5,4 километри, со вкупна вредност од 138 милиони денари. Средствата за реализација на проектите се обезбедени од Владата преку Министерството за транспорт и врски.

Премиерот во изјава за медиумите рече дека многу е важно што се подобрува квалитетот на живот на граѓаните.

- Уште неколку проекти, кои се финансирани од страна на Владата во општините. Од она што можев да го слушнам од градоначалникот, станува збор за вкупен обем на улици и придружна инфраструктура, во вредност поголема од 130 милиони денари, меѓу другото, тоа се неколку проекти, кои веќе се реализираат од страна на програмата на Владата за финансирање проекти во општините. Општина Аеродром на овој начин добива додадена вредност и тоа е многу важно затоа што се подобрува квалитетот на живот на граѓаните - нагласи премиерот.

Тој им се заблагодари на градоначалникот, на советниците, на пратениците.

- На сите оние што учествуваат во реализацијата на овие проекти, бидејќи само на овој начин можеме да покажеме дека она што го ветуваме - и го испорачуваме за граѓаните. Јас сум задоволен кога гледам со каква динамика се работат проектите, еве се запролети и веќе наеднаш повторно сите градилишта се рестартираат, така што очекуваме оваа година сето она што беше почнато со првиот и вториот повик преку Министерството за локална самоуправа да биде завршено, а в година да имаме одреден буџет за да објавиме нов повик и нови проекти да реализираме во општините - додаде Мицкоски.

Беше кажано дека Општина Аеродром останува посветена на реализација на проекти што обезбедуваат модерна, безбедна и функционална инфраструктура, во интерес на сите граѓани.

- Ова е трета улица што се реализира од проектот. Веќе се почна со реализација на две улици. Очекувам дека до крајот на летото ќе бидат комплетно реконструирани сите 18 улици - истакна градоначалникот на општина Аеродром. бд/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан