• среда, 18 декември 2024

Премиера на куклената претстава Музика на мојата птица/Музиката на мојот допир

Премиера на куклената претстава Музика на мојата птица/Музиката на мојот допир

Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - На сцената на Н.У. Театар за деца и младинци, денеска премиерно ќе биде изведена новата куклена претстава Музика на мојата птица/Музиката на мојот допир, работена по мотивите од романот на Ана Анисимова, а во режија и драматизација на гостинката од Србија, Емилија Мрдаковиќ.

- Ова е приказна за необичното детство на едно слепо девојче, раскажана во нејзино име, во која нема трагедија, туку љубов кон животот. Приказна за среќата и способноста да се создаде среќа, деликатна, нежна, длабока и полна со љубов. Се прикажува животот на едно семејство кое знае да биде среќно. Семејство во кое слепото девојче не се чувствува различно. Благодарение на нејзиното семејство полно со љубов, таа живее исполнет живот, нејзините родители прават сè за да ја направат среќна, а нејзината среќа и прави и нив среќни, вели режисерката Мрдаковиќ.

Драматург на претставата и преводот на македонски јазик го направи Драгана Лукан Николоски, која ќе забележи: „Ова е една адаптација на прозно дело која нема класична драматуршка структура. Во драмската предлошка е свесно и намерно изоставен конфликтот на главниот лик со надворешниот свет, со намера да се долови хармонијата во внатрешниот живот на едно девојче, за кое општеството смета дека на некој начин е посиромашно од останатите деца, бидејќи не е во можност визуелно да ја доживее средината во која живее.“

Во претставата играат Матеа Јанковска, Ана Левајковиќ Бошков, Мартин Јорданоски и Владимир Лазовски. Идејното решение за сценографијата, куклите и костимите е на Адриана Добрева, композитор е Алексеј Мрдаковиќ, а дизајнот на промотивниот материјал на Бранкица Јордановска.

Реперизата е закажана за 19 декември 2024. Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за кутлура и туризам, како дел од годишната програма од национален интерес.са/

Фото: Театар за деца и младинци

 

Остани поврзан