• четврток, 26 декември 2024

Премиера на краткометражниот игран филм „Имиња“ на „Синедејс“

Премиера на краткометражниот игран филм „Имиња“ на „Синедејс“

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Краткометражниот игран филм „Имиња“ во режија на Јане Спасиќ премиерно ќе биде прикажан вечер во 20:30 часот во рамки на 22-то издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. 

Филмот е во продукција на „Арт Проект Лаб“, кој се снимаше во јуни 2022 година во средното училиште „Лазар Танев” во Скопје.

Во филмот главните улоги ги играат Драгана Костадиновска, како и три деца актери Јаков Павлов, Георгиј Негриевски и Петар Царановиќ. Во епизодните улоги се појавуваат актерите Тамара Ристоска, Златко Митрески и Ангела Стојановска.

-Кога Марко и неговата мајка ќе пристигнат во прифатен центар за бегалци полн со деца, жени и стари луѓе, момчето запознава двајца другари, кои му објаснуваат дека е само прашање на време кога војниците ќе донесат кутија за чевли, полна со предметите на некој од нивните татковци, кои загинале во војната. Штом ќе се сместат во центарот, едно од децата му открива на Марко дека училницата во која се сместени е проколната: Смртта ќе ги посети оние чие презиме е на вратата и тие најверојатно ќе добијат кутија. Марко станува опседнат со звукот на војничкиот џип, кој ја носи кутијата од која сите се плашат и смислува план за да ја надитри смртта, се вели во најавата за содржината на филмот.

Директор на фотографија е Дејан Димески, сценографи се Срѓан Митровиќ и Михаил Пaнев, костимограф e Раде Василев, шминка и фризура Жанета Димитриевска.  Дизајнот на звук е на Дарко Спасовски, а монтажер е Горјан Атанасов. Продуцент на филмот е Емилија Чочкова, која е и косценарист заедно со Саше Тасев и Огнен Георгиевски.

Филмот се реализираше со финансиска поддшка на Агенцијата за филм на Република Серверна Македонија, a снимањето освен од СУГС „Лазар Танев“ беше помогнато и од Круг филм, Дирекција за заштита и спасување, Министерство за одбрана, Генералштаб - Армија на РСМ, JЗУ СБГА „Мајка Тереза" – Чаир и Црвен крст - Социјално претпријатие Копче.фф/мд/

Фото: Продукција на „Арт Проект Лаб“

 

Остани поврзан