• среда, 27 ноември 2024

Презентирани добрите практики на Делчево за креирање родово одговорни локални програми

Презентирани добрите практики на Делчево за креирање родово одговорни локални програми

Делчево, 26 февруари 2024 (МИА) - На работилницата посветена на размената на искуства и родово одговорно креирање политики и буџетирање која се одржа деновиве во Ресурсниот центар за родова еднаковост во Скопје, Општина Делчево ги презентираше добрите практики за креирање родово одговорни локални програми. 

Во презентацијата, како што информираа од Општината, била направена анализа на досегашните напори за интегрирање на родовиот концепт во локалните планови и програми и беа детектирани слабите страни, но и предизвиците и обврските кои треба да се преземат наредниот период за конечна имплементација на родовиот концепт во целокупното работење на Општината и воведувањето родово одговорно буџетирање. 

-Работилницата беше во организација на МТСП и UN Women, а свои искуства и добри практики, како и проблеми во работењето споделија координаторите/ките за еднакви можности на жените и мажите од 22 единици за локална самоуправа (ЕЛС). Работилницата послужи како платформа за меѓусебно учење и поддршка, споделување добри практики и предизвици во интегрирањето на родовата перспектива и родово одговорно буџетирање во програмирањето и работата на ЕЛС, истакнаа од Општина Делчево.

За време на работилницата, како што додадоа, секоја општина развила свој план за менторство кој детално ги дефинира насоките и чекорите за интегрирање на родова перспектива во своите политики.

-Препораките кои произлегоа од дискусиите беа развиени заедно со МТСП и ќе бидат проследени со соодветни активности за застапување и унапредување на воспоставените практики кои произлегуваат од Законот за еднакви можности и Националната стратегија за родова еднаквост, додадоа од Општина Делчево.

Оваа активност како што посочија е само една од низата кои следуваат во насока на зајакнување на локалните механизми за родова еднаковст и зајакнување на синергијата и соработката помеѓу сите засегнати страни. вс/сст/


Фото: Општина Делчево

Остани поврзан