• понеделник, 23 декември 2024

Презентирана туристичката понуда на националниот парк „Галичица“

Презентирана туристичката понуда на националниот парк „Галичица“
Охрид, 23 мај 2022 (МИА) – Туристички вршители на дејност на територија на националниот парк „Галичица“ денеска ги промовираат своите производи и активности во рамки на отворениот ден на установата што се одржува под мотото „Национален парк Галичица и пријателите поблиску до вас“. Целта на настанот, според  соработникот за еколошка едукација Ангела Тасеска, е промоција на сите туристички вршители на дејност на територија на паркот. - Сакаме да направиме една кратка промоција на нашата работа и да се потсетиме кои се дозволени и забранети активности во НП „Галичица“, но и како треба да се однесуваме во еден национален парк. Сите организации и посетители имаат можност да дадат свои идеи и предлози како до подобра, беспрекорна работа на Установата, меѓусебно запознавање, комуникација и дружење, изјави Тасеска. Совеста на граѓаните, според Тасеска, е на многу ниско ниво што го покажуваат отпадоците коишто ги оставаат зад себе. - Сите да ги почитуваме правилата за заштита на животната средина, заедно да допринесеме за животната средина, заеднички да работиме затоа што паркот не е само на институцијата НП „Галичица“, туку е на сите нас, порача Тасеска. Претставникот на алпинистичкиот клуб „Патагонија“ и Планинската спасителна служба при Црвениот крст – Охрид, Антонио Додески презентираше дел од опремата што ќе се користи за „Виа фератата“, која е во изработка, а ќе биде дел од понудата на НП „Галичица“. - Тоа е еден од најдобрите начини за соработка меѓу различни институции, кои меѓу себе се надополнуваат и отвараат нови можности за посетителите и за туристите нагласи, Додевски. Својата понуда ја претстави и нуркачкиот клуб „Амфора“, кои преку посебна програма им нудат на посетителите можност да искусат што нуди Охридското Езеро. - Луѓето можат да искусат што нуди Охридското Езеро, на кои локалитети може да се нурка. Нашиот клуб се грижи езерото да биде чисто. Организираме низа еколошки акции во текот на годината за собирање на отпадот, кој несовесните граѓани го фрлаат, изјави Стојче Џепароски, претставник од „Амфора“. Присутните имаат можност да вкусат и некои подзаборавени традиционално подготвени специјалитети направени од рацете на „Пирустија Неданоски“ и „Рурални жен“и од Преспа. За Наташа Неданоска од домаќинска куќа „Пирустија Неданоски“, лоцирана во атарот на НП „Галичица“ ова е одлична можност да се запознаат сите што дејствуваат на територија на паркот и да ги вмрежат своите понуди. Претстави традиционална храна, микс од градски и селски туризам, прилагодени и направени во земјен сад и испечени под сач на пирустија. Дел од традиционалната Преспанска храна презентираше здружението „Рурална жена“, кои според претседателката Виолета Прцуловска, најголем акцент даваат на јаболкото и специјалитетите со јаболко. Забележа дека гостите најмногу се воодушевуваат на преспанската храна, а дел од активностите на здружението е и производството на планински чај заштитен од НП „Галичица“. сс/бак/

Остани поврзан