• сабота, 21 декември 2024

Презентирана програмата за функционирање на ЈП Лајка

Презентирана програмата за функционирање на ЈП Лајка
Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) - Намален број кучиња на улиците, намален број каснувања од уличните кучиња, неодговорни сопственици, спречување потенцијално труење на улични кучиња, како и нивно масакрирање, опфаќа програмата за функционирање на Јавното претпријатие Лајка, што е усвоена на последната седница на Советот на Град Скопје. Станува збор за благосостојба на животни скитници на подрачјето на град Скопје во 2020 година. Ова вечерва го истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на презентацијата на програмата. Тој рече дека во изработката на оваа програма, како и вториот документ - инвестициската програма за претпријатието е вложен голем труд со цел претпријатието од почетокот на своето активно работење да почне да дава видливи резултати. Овој процес, посочи, паралелно се одвиваше со изградба на целосно нов стационар со значително подобрени услови за заловени кучиња, кој набрзо ќе биде отворен. - Јас сум првиот градоначалник на овој град кој му пристапил сериозно и одговорно на овој проблем кој води кон некакво оптимално решение. Под тоа подразбирам уличните кучиња да бидат сведени на прифатлив минимум, кој ќе значи незначителен број каснувања на улични кучиња во текот на една година. Но, тоа значи воспоставување системско решение кое нема да подразбира убивање на кучиња, а истовремено ќе биде долгорочно и одржливо решение за нашиот град. Ова е прашање кое предизвикува дебата во јавноста и остава простор за многу недоречености кои сакам сега да ги расчистиме за да си помогнеме едни на други, да ја завршиме сите својата работа, за што имаме обврска кон граѓаните, но и кон животните, без разлика дали сме дел од институциите или од невладиниот сектор во делот на заштитата на животните, рече Шилегов. Потенцира дека промени има во начинот на заловување кучиња и ќе се воведат два вида тимови, едниот кој работи според програмата и вториот кој ќе делува интервентно таму каде има итна потреба, што досега го немаше. Тој нагласи дека во состав на претпријатието ќе има ветеринарна амбуланта со вработени лиценцирани ветеринари кои ќе го вршат прегледот на заловени кучиња, а не како претходно кога тоа зависело дали и кога поминал тендерот, кој ја дал најевтината цена и услуга и слични административни пречки. - Воведени се брзи тестови за дијагностицирање заразни болести со што им се дава шанса на болните кучиња да преживеат и се нудат за вдомување кај заинтересирани граѓани. Во стационарот ќе има возила за брза интервенција. Граѓаните ќе имаат можност преку СОС телефонска линија да пријават повреда од куче, а дежурниот вработен на линијата е должен да го пријави како итен случај во стационарот и во Агенцијата за храна и ветеринарство, чиј инспектор е должен понатаму да постапи согласно законот. Доколку кучето кое нападнало е на местото на настанот веднаш ќе биде заловено, а потоа ќе ќе се постапува по проценка на ветеринарот и пропишаните правила на програма за прием на ново животно во стационарот, истакна Шилегов. Појасни дека преку активна примена на мултифункционален веб сајт и на социјалните медиуми граѓаните ќе можат да видат фотографии од животните кои ќе бидат објавени за вдомување и да се информираат за сите активности и работењето на стационарот. Секој граѓанин кој сака да вдоми куче, нагласи Шилегов, ќе мора да пополни прашалник со внесување лични податоци, ќе изврши разговор со стручното лице вработено во стационарот со цел да се процени дали тој е соодветен и би бил одговорен сопственик на тоа куче. - Ако вдомувачот е соодветен тој ќе треба да оствари контакт со животното минимум два пати пред да му биде дадено за водмување, да го посети во стационарот и со него да помине време. Вработени од стационарот ќе имаат обврска ненајавено да го посетат вдомувачот со цел да се утврди дали го чува кучето соодветно и во согласност со законот, додаде Шилегов. Радмила Пешева од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ рече дека не биле вклучени во изготвувањето на програмата на ЈП Лајка, која според нив, не е добра и потребно е да се изготви нова програма. - Селекцијата не ја разбираме, кои кучиња ќе бидат вратени, кои не. Со програмата на голема врата влегува еутаназија на кучињата. Оние кучиња кои ќе ги ставите во резерват, зборот е непознат - не знам дали мислите на азил. Резерватот е исклучително контроверзен и во никој случај не прифаќаме стационирање на кучињата. Ние нашата програма со години наназад ви ја доставуваме. Нашата акција за вдомување на кучиња не е запрена. Ние тој процес секако ќе го помагаме. Вие ветивте се спротивно од ова што денес го презентиравте. Не не удостоивте ниту со еден одговор, а не да се сретнеме со вас. Сепак ние сме 10 години и на улица и на терен. Правиме контакти со релевантни институции надвор од државата, многу сме научиле на ова поле, а вие не исклучивте. Се додека имаме висока стапка на еутаназија, ние ќе имаме неодговорни општини кои не го третираат проблемот сериозно, посочи Пешева. Љупка Аврамовиќ, член на УО на ЈП Лајка истакна дека има простор волонтери да дојдат да волонтираат и да ја следат работата на претпријатието. рп/вј/ https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/856718401454356/    

Остани поврзан