• недела, 09 март 2025

Презентација на прелиминарни наоди од студијата „Родово базирано насилство врз жените и девојките во јавните места во Скопје и Тетово“

Презентација на прелиминарни наоди од студијата „Родово базирано насилство врз жените и девојките во јавните места во Скопје и Тетово“

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Во Скопје денеска ќе бидат презентирани прелиминарните наоди од студијата „Родово базирано насилство врз жените и девојките во јавните места во Скопје и Тетово“. Студијата ги разгледува степенот и различните димензии на насилство врз жените и девојките на јавните урбани места во Скопје и Тетово, информираат организаторите на настанот.

Како што појаснуваат, истражувањето првенствено се фокусира на перцепциите на девојките и жените во однос на безбедноста што тие ја искусуваат во јавните простори и какво влијание има врз нивните животи. Предвидено е обраќање на авторката на студијата и координаторка за истражувања во „Реактор“, Ана Бојчевска Митревска, која се очекува да ги сподели клучните согледувања, предизвици и препораки за подобрување на состојбата.

- Истражувањето покажува дека повеќето жени и девојки во Скопје и Тетово лично доживеале или познаваат некоја што била изложена на родово-базирано насилство во јавен простор, од вербално вознемирување до физички напади. Овие искуства значително ја ограничуваат нивната слобода на движење, особено во вечерните часови, како и перцепцијата за слободното користење на јавните и отворени простори, наведуваат од независната истражувачка организација „Реактор - истражување во акција“.

Посочуваат дека наодите од анализата имаат за цел да им помогнат на централните и локалните власти да ги развијат своите капацитети за превенција на родово-базирано насилство и дискриминација при користење на јавни места, односно зголемување на безбедноста и подобрување на урбаната инфраструктура. бд/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан