• среда, 25 декември 2024

Презентација на извештај за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда

Презентација на извештај за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда
Скопје, 6 јули 2021 (МИА) - Фондација Метаморфозис во рамки на онлајн настанот „Дијалози за Дигитална агенда“ денеска ќе го презентира Извештајот за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија. Истражувањето, како што информираат од Фондацијата Метаморфозис е на Опсерваторија на Дигиталната агенда во Северна Македонија, во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA”, ко-финансиран од Европската Унија. Настанот, се вели во соопштението, има за цел развивање на дискусија за предизвиците и следните чекори за подобро спроведување на дигитализацијата во Северна Македонија. - Дигитализација во сите сфери и за сите општествени групи (без исклучок) е ефективен механизам за подобрување на добросостојбата на граѓаните. Тоа подразбира унапредување на електронското работење и поголема ефикасност на институциите, организациите и на другите општествени субјекти. Неопходноста од дигитализација стана уште поевидентна поради пандемијата со ковид-19, затоа што укажа на ургентната потреба од механизми, алатки и од адаптирана регулатива за подобра организација и за целосно функционално општество. Притоа, до израз дојде и т.н. „дигитален јаз“, односно –разликите меѓу граѓаните во почетните позиции – за пристапот до Интернет и до соодветни електронски уреди, а оттаму и разликите во нивоата на нивните дигитални вештини / писменост, се наведува во Извештајот за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија. Говорници на настанот, како што е најавено од организаторите, ќе бидат заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, раководителот на служба во Национален центар за одговор на компјутерски инциденти МКД-ЦИРТ, Александар Ацев, извршниот директор на Фондација Метаморфозис, Бардил Јашари, државната секретарка во Министерство за информатичко општество и администрација, Елена Манчева, како и Наталија Шикова, декан на Правниот факултет на Меѓународниот Балкански Универзитет,  Искра Белчева - Ристовска, Програмски координатор во Центарот за управување со промени и Никица Мојсоска-Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025. На настанот се очекува да присуствуваат претставници на институции, граѓански организации, медиуми, граѓани и сите останати засегнати страни. Проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ е кофинансиран од Европската Унија и го спроведуваат Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), Отворени податоци Косово (Косово), Академија за е-владеење (Естонија), Центар за истражување, транспарентност и отчетност – ЦРТА (Србија), НВО 35 ММ (Црна Гора) и Lëvizja MJAFT (Албанија). аа/сп/

Остани поврзан