• сабота, 28 декември 2024

„Преекспонирано“, „Домаќинство за почетници“ и „Лена и Владимир“ на шестото издание на „Златна рамка“

„Преекспонирано“, „Домаќинство за почетници“ и „Лена и Владимир“ на шестото издание на „Златна рамка“

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Долгометражни, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција ќе се прикажуваат од вечерва до четврток, 20 јуни, во киното „Фросина“ во МКЦ, во рамки на шестото издание на филмската ревија „Златна рамка“. Во делот на долгометражната програма, вечер ќе се одржи проекција на „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова.

„Златна рамка“ е ревија на македонски филм основана по урнекот на многу европски држави и регионално, каде што се прикажува едногодишната продукција поддржана од Агенцијата за филм на филмовите кои имале премиера минатата календарска година.

Уметничкиот координатор на „Златна Рамка“, Ана Василевска на денешниот брифинг со новинарите информираше дека освен „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, во долгометражната програма е и филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, кој беше кандидат за Оскар од нашата дража, како и филмот „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, кои ќе се прикажуваат во четврток.

Краткометражната програма, како што рече, ќе може да се види утре и истата ќе оди во еден блок.

Василевска констатираше дека и документарната програма е вредна за внимание, имајќи ја во предвид двојната номинација за Оскар на филмот „Медена земја“, што ни покажува дека македонскиот филм треба посебно да биде посветен и на документарната продукција.

Во документарната програма, утре вечер ќе бидат прикажани филмовите „Живот на крстосница“ во режија на Зоран Димов и „Емигрант сум или“ во режија на Сенад Абдул, а во четврток ќе се одржи проекција на „Дневник по многу години“ во режија на Никола Т. Калајџиски.

Како што посочи, во рамки на оваа филмска ревија, граѓаните ќе можат сосема бесплатно во овие три дена ги погледнат македонските филмови.

Таа додаде дека утре традиционално ќе бидат доделени почесните награди „Златна рамка“, кои ДФРМ ги доделува на филмски актер, филмски автор и филмски работник.

-Годинава овие награди одат во рацете на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија: актерот Тони Михајловски, продуцентот Владимир Анастасов - Вац, и филмскиот работник Марина Колоска, рече Василевска.

Василевска најави дека во четврток ќе има трибина која е дел од „Златна рамка“ и ќе се однесува на заштитата на аудио-визуелното наследство, која ќе се одржи во фоајето на МКЦ. Во фокус програмата, оваа година проекции ќе има и во Домот за стари лица „Мајка Тереза“.

Како што рече Василевска, „Златна рамка“ претставува отчет на тоа што е сработено во една календарска година, но и увид на филмската критика.

-„Златна рамка“ е можност каде што после секоја проекција на филмовите, доколку постои интерес имаме и плодни дискусии, да види и филмската критика што е тоа што се случува со македонскиот филм. Втор и не помалку важен сегмент на „Златна рамка“ е тоа што тој служи за афирмирање на македонската кинематографија, која верувам дека голем дел ќе се согласат, не е толку популарна, иако можеби е популарна надвор од границите. Имаме голем подем на македонската кинематографија последните години, додаде Василевска.

Според Василевска, третиот сегмент на „Златна рамка“ е да им се одаде почит на филмските работници, на ДФРМ, кое постои повеќе од 70 години и кое посветено работи на мала кинематографија, но толку многу значајна.

Претседателот на ДФРМ Игор Иванов денеска на брифингот рече дека „Златна рамка“ се соочува оваа година со кратење на буџетот и напомена оти работат со минимални средства и поради тоа не може да биде проширена програмата.

-Ние пред две години направивме една иницијатива за таканаречениот „Скопје филм форум“. Ќе беше многу убаво да го повториме и оваа година, тоа беше наша интенција и таков проект поднесовме, но едноставно не добивме поддршка. Не можеме за тоа никого да обвиниме, бидејќи касата во Агенцијата за филм е празна и ние за тоа сме свесни. Добро е што ќе може да се погледне годишната продукција од Македонија ги поканувам сите граѓани да ги видат филмовите, рече Иванов. бт/нд/

Фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан