• среда, 25 декември 2024

Пред велигденските празници, АХВ ги засили инспекциските контроли

Пред велигденските празници, АХВ ги засили инспекциските контроли

Скопје, 7 април 2023 (МИА) - По налог на директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, инспекциските служби на АХВ пред велигденските празници спроведуваат засилени инспекциски контроли на продажбата на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи.

Налог, како што соопшти АХВ, е издаден и за засилување на инспекциските контроли на граничните премини за пратките со јајца кои се увезуваат во земјава, каде акцент со контролите е ставен на датумот на пакување и означување, временскиот рок на траење, кој за овој производ не смее да биде подолг од 28 дена, односно за јајцата декларирани како „екстра” не повеќе од 9 дена.

-Контролите на домашниот пазар се спроведуваат во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на јајца, со акцент на нивното означување, условите на чување и складирање на овој прехранбен производ, за кој пред празниците постои зголемена побарувачка. Со засилените инспекциски контроли опфатени се и производителите, увозниците и трговците со бои за јајца, во поглед на тоа дали тие ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на боите, односно дали истите се во согласност со одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за адитиви кои се користат во храната, вели Бабовски.

Се контролира дали боите се соодветно означени и спакувани во оригинално пакување, бидејќи, додава тој, бојата во ринфуз состојба и без декларација е небезбедна.

-Боите не смеат да претставуваат опасност за здравјето на луѓето и не смеат да влијаат на нутритивниот квалитет на храната. Затоа треба да се внимава, бои да се купуваат исклучиво од регистрирани оператори кои се под контрола на АХВ, објаснува директорот на АХВ.

Засилени се и контролите во месарниците и месарниците со работилници, кои вршат промет со свежо месо и подготовки од месо. Акцент на оваа категорија оператори со храна, ставена е на контролата на здравствената ознака на месото, комерцијалните документи, следливоста, условите за чување и одржувањето на ладниот ланец во прометот со месо и подготовките од месо, како и нивното декларирање.

Дел од засилените контроли се и другите прехранбени производи, особено овошјето и зеленчукот кај кои се проверуваат органолептичките карактеристики, како и условите на чување и складирање.

-Како одговорна институција за безбедноста на храната, во пресрет на велигденските празници, апелираме до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да купуваат исклучиво од регистрирани или одобрени оператори со храна, а секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на боите за јајца, да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk., се наведува во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство. дма/аа/

 

Фото: Агенција за храна и ветеринарство

Остани поврзан