• понеделник, 23 декември 2024

Предлог на законот за парничната постапка на собраниската Комисија за европски прашања

Предлог на законот за парничната постапка на собраниската Комисија за европски прашања

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да расправаат по Предлогот на закон за парничната постапка.

Како што информираа завчера од Министерството за правда, Предлог на законот за парничната постапка има за цел  да се уредат прашањата кои создаваа проблеми во примената на законот (вешачењето, доставата, забрзување на постапката во споровите од мала вредност и др.), а беа констатирани од сите засегнати страни, информираат денеска од Министерството за правда.

Со Предлог законот се предвидува намалување на висината на паричната казна за учесниците во постапката, во согласност со генералната определба на Владата за намалување на казните, се усогласува поднесокот во електронска форма, се поедноставува електронската достава во согласност со релевантните законски одредби за електронско работење во државата.

-Новина е пропишувањето на постапка за заштита на колективните интереси и права со што им се овозможува на здруженија, фондации, установи или други организации кои се основани во согласност со закон и кои во рамките на својата регистрирана или со закон определена дејност се занимаваат со заштита на колективни интереси и права утврдени со закон, да можат, кога такво овластување им е изречно дадено со закон и под услови предвидени со тој закон, да поднесат тужба (тужба за заштита на колективни интереси и права) против физичко или правно лице кое со вршење на одредена дејност или со постапување или пропуштање потешко ги повредува или сериозно ги загрозува таквите колективни интереси и права, појаснија од Министерството.

Предлог законот се усогласува и со Законот за бесплатна правна помош со што се прецизира дека трошоците на постапката на странката корисник на секундарна правна помош, која успеала во спорот, се уплатуваат на сметката на Буџетот на државата.

Според Предлогот, како што посочија од Министерството за правда, предвидено е јавни расправи да се одржуваат по електронски пат, по оценка на судот, во случај на постоење на опасност од одлагање или кога постојат правни или стварни пречки. Судот може да одлучи рочиштето да се одржи на далечина, со употреба на средства кои обезбедуваат двонасочна електронска комуникација и овозможуваат звучен и визуелен приказ во реално време.фф/вг/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан