• понеделник, 23 декември 2024

Предизборен собир на ЛДП и ДОМ во Прилеп

Предизборен собир на ЛДП и ДОМ во Прилеп

Прилеп, 2 октомври 2021 (МИА) - Време е за промени за да се решат бројните проблеми на Прилеп. Не можам да ветам многу, но само едно можам дека четири години ќе работам ефективно, порача кандидатот за градоначалник на Прилеп Славе Петрески од движењето „Одлучно“ на партиите ЛДП и ДОМ на предизборниот собир во центарот на градот.

Петрески се заложи да се реши сообраќајниот хаос, да им се помогне на граѓаните да набават фотоволтаични панели, да се донесат генералниот и деталните урбанистички планови за да им се отвори патот на инвестиорите.

 -Мора да го решиме сообраќајниот хаос. Се направи булевар, ама нема паркинг простор. Имаме конкретни две локации во центарот на градот за катни гаражи. Ќе се заложам да се донесат Генералниот и деталните урбанистички планови. Ќе донесеме одлуки за секој инвеститор, без разлика дали е странски или домашен и сите ќе добијат плац ако се заинтересирани да градат, а не тие што сакаат да инвестираат да одат во другите општини. На граѓаните ќе им помогнеме, преку кредити или со одложено плаќање да постават фотоволтаични панели зашто тоа го нема во Прилеп, рече Петрески.

На предизборниот собир беа најавени и формирање фондација за деца со ретки болести и поддршка за тутунарите со доделување бесплатни парцели за тутунов расад и субвенционирање за секој производител да добие скеле за тутун.

На прилепчани им се обратија и претседателите на ЛДП Горан Милевски и на ДОМ Маја Морачанин. Милевски рече дека во Прилеп ќе се случат промени и време е граѓанинот и неговите потреби да бидат во фокусот. - На Прилеп му требаат промени и хумано планирање на просторот. На Прилеп му требаат паркови каде ќе играат децата, рече Милевски.

Претседателката на ДОМ Маја Морачанин рече дека преку движењето „Одлучно“ се отворија двете партии за граѓаните, за сите кои сакаат да придонесат за здрав и квалитетен живот.

- Ние сме први со најголем број кандидатки за градоначалнички и за советнички во општините. Не води визијата дека заслужуваме да живееме подобро, во чиста и здрава средина, со економски просперитет. Тоа е можно. Недозволиво е во 21 век нашите градови и села да бидат преплавени со ѓубре, да слушаме дека се уште е проблем снабдувањето со чиста вода за пиење. Во Прилеп нема кино. Затоа е потребно градоначалниците и советниците да работат чесно и одговорно и да биде најбитен јавниот интерес. Нашите кандидати ќе бидат чувари на јавниот интерес, рече Морачанин. ем/мд/

Остани поврзан