• сабота, 23 ноември 2024

Предаден во употреба патот од кочанско Оризари до локалитетот Добра Вода

Предаден во употреба патот од кочанско Оризари до локалитетот Добра Вода
Кочани, 31 јануари 2021 (МИА) – По завршувањето на изградбата и асфалтирањето, денеска беше предаден во употреба патниот правец од кочанската населба Оризари до туристичкиот локалитет Добра Вода. За делницата долга 2,5 километри беа инвестирани над 14 милиони денари, обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а за кои претходно Општина Кочани аплицираше преку Центарот за развој на Источниот плански регион. –Големо е задоволството што за само две години го почнавме и го завршивме овој патен правец, кој за мене има двојно значење. Прво, затоа што се овозможува полесен пристап до туристичкиот локалитет на кој за време на манастирската слава се собираат неколку илјади верници и гости од регионот и пошироко. Второто значење е што со тоа ја потврдуваме нашата заложба за рамномерен развој, односно подеднакво да инвестираме и во градот и во руралните населени места, и да ги подобруваме условите за живеење на сите граѓани, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. На свеченоста по повод предавањето во употреба присуствуваа и заменик-претседателот во Владата на РСМ, Љупчо Николовски, министрите Оливер Спасовски и Благој Бочварски, заменик-министерот Трајан Димковски, митрополитот на Брегалничката епархија, г. Иларион, претставници од Источниот плански регион, жители на Оризари и соседните населени места и други гости. Изградбата на патот со ширина од 3,5 метри се одвиваше во отежнати околности, бидејќи се работи за карпест предел што прво се пробиваше, а потоа и се асфалтираше. На оваа релација наскоро ќе бидат поставени информативни табли и соодветна патна сигнализација.та/бт/

Остани поврзан