Прв Самит ЕУ-ГЦЦ
- Глобалните предизвици, економската и енергетската соработка, климатската акција и меѓусебното поврзување се дел од темите на дневниот ред на Првата средба на лидерите на земјите на Европската Унија и на Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), што ќе се одржи попладнево во Брисел.
Брисел, 16 октомври 2024 (МИА) - Глобалните предизвици, економската и енергетската соработка, климатската акција и меѓусебното поврзување се дел од темите на дневниот ред на Првата средба на лидерите на земјите на Европската Унија и на Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), што ќе се одржи попладнево во Брисел.
Како што соопшти Европскиот совет, Самитот е можност ЕУ да развие поблиско партнерство со ГЦЦ и неговите земји членки - Бахреин, Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Оман и Саудиска Арабија, кои се геостратешки партнери на Унијата во ова време на предизвикувачки геополитички околности.
Со Првиот самит ЕУ-ГЦЦ ќе копретседаваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседавачот на ГЦЦ, катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани.
Предвидено е шефовите на држави или влади на членките на ЕУ и на ГЦЦ да разговараат за идната соработка во однос на заедничките клучни глобални предизвици, во сферата на економијата, трговијата, енергијата и инвестициите, во обезбедувањето одржливост и заштита на климата, како во меѓусебното поврзување и воспоставување контакти меѓу обичните граѓани на различни нивоа без службено мешање или насоки.
Односите меѓу ЕУ и ГСС се базираат на Договорот за соработка потпишан во 1989 година, со кој се воспостави редовен дијалог за соработка во областа на економските односи, климатските промени, енергијата, животната средина и истражувањето.
Со Договорот е воспостави и Заеднички совет ЕУ-ГЦЦ на ниво на министри за надворешни работи, кој одржува редовни заседанија. На состанокот на Заедничкиот совет одржан во Брисел во февруари 2022 година, шефовите на дипломатиите усвоија Програма за соработка за периодот 2022-2027 година, која предвидува конкретни заеднички активности и зајакната соработка во сферата на трговијата, инвестициите, климатските промени, зелената транзиција, иницијативите меѓу обичните граѓани и во борбата против тероризмот.
Во мај 2022 година, Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел издадоа заеднички документ насловен „Стратешко партнерство со Персискиот Залив“, кој беше одобрен од Советот на Унијата во јуни 2022 година и со кој се воспоставува Оперативен патоказ за развој на поблиски врски на блокот со земјите членки на ГЦЦ.
Во јуни истата година, ЕУ го именуваше Луиџи Ди Мајо за свој прв специјален претставник за Персискиот Залив, со задача да придонесе за развој на посилно, сеопфатно и постратешко партнерство на Унијата со земјите од регионот.
Инаку, Европската Унија во 2023 година беше втор по големина трговски партнер за земјите од ГЦЦ, со вкупна размена од 170 милијарди евра. Дури 75 отсто од увозот на ЕУ од земјите на ГЦЦ лани отпаѓаше на минерални горива, а увозот на енергенси за зголеми за повеќе од тројно во однос на 2020 година, како резултат на определбата на Унијата за диверзификација на енергетските извори по руската агресија врз Украина. сп/
Фото: Совет на ЕУ