• среда, 27 ноември 2024

Прво издание на фестивалот „Преку езерото“ од 5 до 7 август во Стар Дојран

Прво издание на фестивалот „Преку езерото“ од 5 до 7 август во Стар Дојран
Скопје, 1 август 2022 (МИА) - Девет исклучителни кратки филмови од осум медитерански земји, со актуелни теми ќе бидат прикажани на првото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“ што ќе се одржи од 5 до 7 август во Стар Дојран. Станува збор за прв филмски фестивал од ваков формат во земјава, кој ќе го збогати културниот живот во градот и околината и традиционално ќе се одржува во Дојран, покрај брегот на езерото. Во фокусот е медитеранскиот и европскиот филм и автори кои живеат или потекнуваат од медитеранските и европските земији. „Преку езерото“ е иницијатива предводена од Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент. Како што најавија од фестивалот, за ова прво издание селектирани се девет филмови од осум медитерански земји, со актуелни теми кои се раскажани со медитерански дух, специфичен и посебен во уметноста на филмот. Поточно, во главната натпреварувачка програма се филмовите „А ла карт“ на Василис Циуварас и Таксиархис Делијанис од Грција, „Пресуда“ на Дора Јунг од Србија, „Марко на Марко Шантиќ од Хрватска, „Перики“ на Ангела Димеска од нашата држава, „Виножито“ на Александар Вујовиќ од Црна Гора, „Криминалци“ на Серхат Караслан од Турција, „Што не знаеме за Маријам“ на Морад Мостафа од Египет, „Светиот син“ на Аљоша Масине од Италија и „Поглед од Балкон“ на Арис Капланидис од Грција. Покрај главната програма во склоп на фестивалот, како што е најавено, ќе се прикажат и неколку долгометражни филмови од медитеранските земји кои се истакнале по особениот пристап на темата кој нуди нов поглед на нештата кој го поттикнува дијалогот помеѓу различните култури, општествени групи, нации. Во склоп на фестивалот ќе се одржи и мастерклас на тема „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“. Мастеркласот ќе го води докажаниот скрипт-консултатнт од Англија Џон Стивенс. Меѓународното жири кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција ќе го предводи истакнатиот грчки режисер Василис Мазоменос, а членови на жирито се Гоце Кралевски продуцент и Ева Камчевска сценарист од нашата држава. бт/ац/

Остани поврзан