• недела, 24 ноември 2024

Првото издание на ИФДТ „Игор Маџиров“ од 30 септември до 4 октомври

Првото издание на ИФДТ „Игор Маџиров“ од 30 септември до 4 октомври
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) - Од 30 септември до 4 октомври ќе се одржи првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, во организација на Театар за деца и младинци – Скопје. Директорката на Театарот за деца и младинци Катарина Илиевска – Силјановска истакна дека долгогодишната желба и идеја на целиот колектив од театарот конечно се реализира. -Во далечната 1996 година бевме домаќини на една регионална иницијатива наречена „Балкански куклен фестивал“, но сега првпат сме домаќини на еден поголем и позначаен фестивал за нас, што го носи името на актерот кој беше на свој начин заштитен белег за овој театар и генерално за детската театарска и филмска публика, рече Катарина Илиевска – Силјановска. Фестивалот е со натпреварувачка програма и на првото издание ќе има девет претстави. Тоа се: „Том Соер“ на свеченото отворање во изведба на домаќините (ТДМ), „Авантурите на Баронот Минхаузен“, на „Жар птица“ Театарот од Загреб, Хрватска. Потоа ќе следуват „Тивкото момче“ на Детскиот театар од Крагуевац, Србија, „Мачката папучарка“ од Градскиот театар на Подгорица, Црна Гора, „Вечерва не сум сама“, во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци од Скопје,„Авантурите на малиот Јују“, на Градскиот куклен театар од Ријека, Хрватска, „Јованче и Марика“ на театарот „Битолино“ од Битола, „До границата“, на театарската компанија „Петра“ од Итлија и претставата „Жирафа“, на театарот „Хоп Сињор“ од Атина, Грција. Во рамки на фестивалот, покрај селектираните претстави ќе има и тридневна работилница за кукларство, предводена од режисерот Јакуб Максимов од Чешка, а ќе се одржи и панел дискусија на која ќе има презентација за меѓународната соработка на детските театарски продукции, преку искуствата на српскиот национален центар на меѓународната асоцијација на детски театри „АСИТЕЖ“. Селектор на фестивалот е актерот Владимир Лазовски, кој според претседателот на Советот Драган Довлев направил одлична селекција на претстави. -Среќен сум што имаме фестивал и среќен сум што го носи името на нашиот колега Игор Маџиров. Во рамки на свеченото отворање, планираме постхумно да му доделиме признание во форма на плакета, на членовите на неговото семејство за придонесот, трудот и трагата која ја остави за нашиот театар и општо културата во нашата земја, потенцираше Довлев. Пораката што оваа година ја упатува фестивалот е „Види нови светови, остани дете“, предлог на истакнатиот поет Никола Маџиров, што беше со голема радост прифатен од фестивалската организација. -Упатувам порака до сите деца и родители. Дојдете во Детскиот театар, гледајте претстави и откријте нови светови. За миг побегнете од компјутерската реалност, истакна Изабела Новотни актерка, која е член на Советот на фестивалот. Визуелниот идентитет на годинашното издание е на авторката Јана Андева, а како извршен продуцент се јавува Миодраг Костиќ. Фестивалот е со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат награди: Гран при најдобра претстава во целина, Награда за најдобра режија, Награда за костимографија, сценографија, музика, Награда за најдобар актер и актерка. За нив ќе одлучува тричлено жири во состав: Диана Крзаниќ Тепавац, актерка и претседател на „АСИТЕЖ“ Србија, Благој Чоревски и режисерката Драгана Милошевски Попов. Билетите се по цена од 200 денари и може да се набават на билетарницата на Театарот за деца и младинци или онлајн на www.puppet.com.mk. мд/са/

Остани поврзан