• среда, 25 декември 2024

Прва генерација македонски студенти од УКЛО-Битола ќе се вклучат во ЕУА „Колорс“

Прва генерација македонски студенти од УКЛО-Битола ќе се вклучат во ЕУА „Колорс“

Битола, 22 февруари 2024 (МИА) - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, прв и единствен македонски универзитет кој е дел од Европската универзитетска алијанса „Колорс“, почна со анимирање на студентите на УКЛО за учество во активностите на Алијансата-ЕУА.

Од секторот за односи со јавност на УКЛО-Битола информираат дека во активностите на ЕУА „Колорс“ може да се вклучат студентите од прв, втор и трет циклус студии.

- Студентите се главни корисници на придобивките што произлегуваат од членството на УКЛО во „Колорс“ и затоа објавивме повик до студентите од прв, втор и трет циклус студии кои се заинтересирани за ангажман во различните предизвици што ги нуди Алијансата на европскиот универзитет „Колорс“. Заинтересираните студенти треба добро да го познаваат македонскиот стандарден јазик, но исто така добро да го познаваат англискиот јазик, да имаат основно познавање за софтверските алатки за дизајн на слики, видеа, веб-дизајн, програмски јазици и секако са ги познаваат алатките за комбинирана соработка, истакна Елизабета Ангелеска Атанасоска, виш советник за односи со јавност во УКЛО.

Во ЕАУ „Колорс“ членуваат Универзитет Ферара од Италија, Универзитет Кристијанштад од Шведска, Универзитет „Јосип Јурај Штросмаер“ од Хрватска, Универзитет „Јан Длугож“ од Полска, Универзитет Кастиља од Шпанија, Универзитет „Ла Манш“ од Франција, Падерборн универзитетот од Германија и други партнери на УКЛО-Битола.

- Од студентите се очекува да бидат проактивни, самоиницијативно да преземаат активности и обврски и да даваат идеи, одговорни – навремено да ги исполнуваат задачите, да имаат желба за развој, работа и надградба, да бидат посветени на работата, подготвени да се вмрежуваат без предрасуди, да имаат отворен ум за соработка, конструктивна критика, напредок и секако да имаат култура и почит во комуникацијата со соработниците. Бројот на студенти кои ќе бидат вклучени во првите две години од функционирањето на Алијансата КОЛОРС е најмалку десет, а за секој активно вкучен студент ќе има и финансиска надомест, посочи Ангелеска Атанасоска.

За својот придонес, студентите ќе бидат вреднувани на различни начини, односно со сертификати, дополнителни ЕКТС-кредити, потврди за пракса и сертификати за воннаставни активности. мт/ир

Фото: УКЛО

Остани поврзан