Пратеничката Костадиновска-Стојчевска учествува на сесијата на ПССЕ
- Во текот на вториот дел на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува во Стразбур од 26 до 30 јануари, пратениците дебатираа за зајакнување на демократијата преку учество и одговорност на младите, како и за обезбедување одговорност, хуманитарна заштита и почитување на меѓународното право во Газа и во Западниот Брег по прекинот на огнот.
29 јануари 2026
Во текот на вториот дел на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува во Стразбур од 26 до 30 јануари, пратениците дебатираа за зајакнување на демократијата преку учество и одговорност на младите, како и за обезбедување одговорност, хуманитарна заштита и почитување на меѓународното право во Газа и во Западниот Брег по прекинот на огнот.
На оваа тема свое обраќање имаше пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, која се осврна на разликите во начинот на кој се третираат жртвите во овој конфликт, односно дека за пронаоѓање едно израелско тело бил вложен значителен воен и технолошки напор, а илјадници Палестинци сè уште се водат како исчезнати под урнатините на Газа, без можност за идентификација или достоинствено збогување и многу семејства продолжуваат да живеат со неизвесност и тага, без одговори за судбината на своите најблиски.
Таа истака дека постои нерамнотежа во вниманието и ресурсите, односно додека за едни постојат технологии, институционална поддршка и медиумскиот фокус, други остануваат надвор од јавниот поглед. Во контекст на големиот број жртви од октомври 2023 година наваму, Костадиновска-Стојчевска нагласи дека смета оти е важно да се отвори простор за еднакво сочувство, транспарентност и независно новинарско известување, како предуслов за подаобро разбирање на човечката цена на конфликтот.
Во делот на поканети личности пред пратениците се обрати Арарат Мирзојан, министер за надворешни работи на Ерменија. Во делот предвиден за прашања, пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека имала привилегија да патува во Ерменија еднаш, при што поминала низ процесот за добивање виза, кој бил прилично долг, побара мислење од министерот Мирзојан за процесот на либерализација на визите меѓу Ерменија и Северна Македонија.
Министерот изрази надеж дека до нејзината следна посета, заедно со своите колеги, ќе го заврши процесот на либерализација на визните процеси меѓу двете земји. Вети дека тоа ќе биде неговата следна домашна задача и дека ќе стапи во контакт со колегите од Северна Македонија.
Истовремено истакна дека смета оти, генерално, контактите меѓу луѓето, имајќи ги предвид традиционалните, многу длабоки врски што народот на Ерменија ги имал и сè уште ги ужива со балканските држави и пошироката Европа, и меѓусебните посети се навистина многу важни додека Ерменија ја спроведува својата политика за приближување кон ЕУ и Европа воопшто.
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА