• вторник, 24 декември 2024

Пратениците на пауза, 68. седница на Собранието ќе продолжи во 15:30 часот

Пратениците на пауза, 68. седница на Собранието ќе продолжи во 15:30 часот
Скопје, 12 април 2022 (МИА) - Пратениците денеска во рамки на продолжението на 68-та седница расправаа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита и за Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници, и двата по скратена постапка. Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека гласањето за измените и дополнувањата на Законот за социјална заштита дополнително ќе биде закажано. Во расправата доминираа повеќе теми како раст на трошоците на живот, грижа за граѓаните и за нивниот  стандард, зголеменувањето на минималната плата, иселувањето на младите, непостоење на нови фабрики, голема сиромаштија и корупција... Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници во скратена постапка е манипулативен и дека всушност се добива дисбаланс во систематизациите на работните места и во мотивацијата на работниците. Посочија дека досегашните економски мерки за подобрување на состојбите не даваат резултати и се контрапродуктивни. Според нив, во последните неколку дена има незадоволство од граѓаните, а како што велат, сите институиции штрајкуваат, има најави и за нови штрајкови зошто нема усогласеност, принципиелност и правичност во носењето на законите. Владејачката СДСМ, пак, смета дека е потребно скалесто покачување на платите за што, според нив, придонесува новото законско решение кое е добра основа тоа да се постигне. Потенцираа дека Владата успешно се справува и со актуелната криза и со економските предизвици. Претседателот на Собранието Џафери објави пауза, а седницата ќе продолжи во 15:30 часот. Со седницата ќе претседава потпретседателот на Собранието Горан Мисовски. По паузата прв говорник е пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ. мд/дма/

Остани поврзан