• сабота, 23 ноември 2024

Пратениците едногласни за потребата од нов Деловник на Собранието, најавени интервенции со неколку амандмани

Пратениците едногласни за потребата од нов Деловник на Собранието, најавени интервенции со неколку амандмани

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска ја изгласа потребата од носење на нов Деловник на Собранието. Разговорите меѓу пратеничките групи започнаа пред пет години за измени на постоечкиот Деловник, се одвиваа во рамки на Жан Моне процесот и со посредство на неколкумина европратеници, за на крајот да резултираат со консензус за комплетно ново решение. Се очекува новиот Деловник на Собранието да се донесе до крајот на годината и да се применува од идните пратеници. 

Предлагач на новиот Деловник е претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, кој образложувајќи го предлогот кажа дека текстот е оптимален, но не е идеален.

-Сите се согласивме дека е подобро да имаме нов текст на Деловникот на Собранието. Тие што учествуваа во процесот Жан Моне го знаат предлог-текстот. Целта е да се надминат сите разлики или различни толкувања за пишаните правила во Деловникот. Верувам и сум убеден дека со новиот текст ќе се надминат сите можности за различни толкувања, вели Џафери. 

Според него, новиот текст на Деловникот не остава дилема за двојни толкувања и се надминуваат сите ситуации со кои пратениците се соочиле во Собранието во претходниот период. 

Предлог деловникот очекувано доби поддршка и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Заменик координаторката на пратеничката група на опозоциската партија Дафина Стојановска истакна дека сите се согласни за потребата од носење на нов Деловник.

- Околу тоа сме усогласени и е поднесен предлог во редовна постапка. Дали и колку е добро ова решение ќе се види откако ќе почне неговата примена, рече Стојановска.

Таа изрази задоволство од делот каде се променети правилата за пратенички прашања. Ќе има посебна седница од два часа во текот на месецот за поставување прашања од опозицијата, а нема да се оптоварува јавноста со поставени прашања од пратениците и добиени одговори по писмен пат. Тие ќе се најдат на веб страницата на Собранието. 

-Седницата за пратенички прашања ќе се користи исклучиво само за поставување на усни прашања. Исто така би го споменала носењето на квартални годишни календари во текот на редовните координации на Собранието, во случај претседателот да мора да свика итна седница тоа ќе мора да го образложи, точките кои доаѓаат од опозицијата задолжително ќе мора да се стават први на дневниот ред, усогласено е на работните тела процедурални забелешки да зема само еден пратеник - координаторот или заменикот односно само еден пратеник. Во однос репликите е договорено на собраниските тела е договорена можност за една реплика и за една контрареплика, рече Стојановска.  

Сепак, пратеничката предупреди дека примената на новиот Деловник ќе зависи и од идниот претседател на Собранието. 

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица најави како што кажа фер плеј, но исто така посочи и дека предлог-текстот не ги решава туку ги легализира големите проблеми. Според него, дел од тие проблеми се двојазичноста, а не е решен и проблемот со претседавање на седница на друг јазик што, рече Апасиев, е противуставно. Според него, верификацијата на мандатот не е решена суштински, како и неодѕивањето на функционери на покана на Собранието. Исто така, се зголемуваат ингеренциите на спикерот кој може да свика седница на Парламентот кој сега ќе може да свика и комисија. Има забелешки и за промени во однос на референдумската иницијатива, а за него круцијална е онаа со која се легализира европското знаменце. Апасиев забележа и дека ќе се укине филибастерингот односно ќе се стави ограничување на дебатите на комисиите. 

- Круцијално е за мене што го легализираме „шверцератот„ со ЕУ знамето. Досега шверцератот се правеше преку Комисијата за европски прашања. Со новиот деловник сите закони во следниот парламентарен состав ќе бидат како сегашните со ЕУ знаменце. Тогаш зошто е опозицијата? Тоа е единствениот орган каде ние како опозиција можеме да го натераме власта да преговара, рече Апасиев. 

Најави амандмани за Деловникот за кои рече дека ќе се разговара за до крајот на годината да се донесе деловникот. 

Со новиот Деловник ќе има во еден дел суштински измени во работата на парламентот во делот на поставување пратенички прашања, собраниските комисии ќе имаат рок во кој ќе треба да ја завршат дебатата за одреден закон, ќе има промена во делот на процедуралните забелешки и друго. ев/са/

Фото: МИА

Остани поврзан