• понеделник, 23 декември 2024

Пратениците гласаа за повеќе заостанати закони

Пратениците гласаа за повеќе заостанати закони
Скопје, 2 април 2021 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија, по завршување на 38. седница, гласаше за повеќе закони по заостанати точки од 20-та, 25-та, 26-та, 29-та, 30-та и 34-та пленарна седница. Според информации од Собранието, донесени се 16 закони, кои беа во второ читање, како и повеќе закони во прво читање и одлуки. За овие закони расправата беше завршена, но поради немање кворум и мнозинство гласањето за нив беше одложено. Владејачкото мнозинство брои 62 пратеници, а во изминатиот период се соочуваше со помал број пратеници поради тоа што некои од нив беа болни од Ковид-19 или мораа да отсуствуваа од работата на Собранието од други причини. Претходно вечерва во рамки на 38. седница пратениците ги донесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, по скратена постапка и измените и дополнувањата на Изборниот законик со којшто се предвидува воведување на терминали за отисок од прсти на локалните избори што се одложуваат за втората половина на октомври. Измените и дополнувањата на Законот за попис беа донесени со 95 гласа „за“, а „против“ гласаа 12 пратеници. Во рамки на гласањето по Бадентер, 26 пратеници од заедниците гласаа „за“, додека 12 против. Воздржани немаше. Исто така со 95 гласа „за“ беа донесени измените на Изборниот законик, кои беа поднесени од сите пратенички групи и за кои немаше расправа. Против и воздржани немаше. Во гласањето по Бадентер, 27 пратеници припадници на заедниците гласаа „за“, а против и воздржани немаше. ев/дма/

Остани поврзан