• сабота, 23 ноември 2024

По 70 години прво подземно скенирање на наоди во античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп

По 70 години прво подземно скенирање на наоди во античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп

Прилеп, 23 април 2023 (МИА) - За првпат по 70 години откако се истражува, годинава со скенер ќе се детектираат големите наоди под земја на античкиот локалитет „Стибера“ кај прилепското село Чепигово. Локалитетот „Стибера“ е најпознат по мермерните статуи и бил град со 20 000 жители во периодот од 3 век пред, до 4 век од нашата ера.

Геоскенирањето на Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија ќе се врши на просторот на храмот на богињата Тихе за идните истражувања да бидат прецизни и да се знае совреме каде да се копа.

-Обучени археолози од Музејот и на теренот, површински ќе го скенираме просторот околу храмот на богињата Тихе за да видиме што се наоѓа под земјата. Ова е недеструктивен метод, не се копа не се уништуваат културни слоеви и со тој скенер ќе се евидентира што има под земјата, како се простираат градбите, во кои правци се шират. За нас археолозите тоа е добро и ќе знаеме за проектите што ќе ги поднесуваме во кој правец да се движат тие истражувања. Со оглед на тоа дека на просторот каде е храмот на богињата Тихе се покажа дека има и други градби, како што е зградата на римската Агора, потоа Собранието, сигурен сум дека таму се наоѓаат уште, најмалку, две градби од јавен карактер, во кои се зачувале одредени административни и општествени дејности и сигурен сум дека со идните ископувања ќе наидеме на нови, вредни наоди од мермерните скулптури, објаснува Душко Темелкоски, археолог од прилепскиот Завод и музеј.

Археолозите очекуваат да се реши долгогодишниот, најголем проблем, сопственоста на земјиштето на голем дел од локалитетот. Има приватни парцели, главно од жителите на соседното село Чепигово.

-Се надевам дека еднаш ќе го решиме најголемиот проблем на кој наидуваме при ископувањата во Стибера, да се реши проблемот и преземањето на оние парцели кои сега се во приватна сопственост. Особено зашто нашите археолошки истражувања целосно не може да се замислат се додека парцелите се во приватна сопственост.  Тоа е главниот проблем кој се надевам дека ќе биде решен, вели Темелкоски.

Првите истражувања на Стибера во 1953 година ги направил тогашниот Археолошки музеј од Скопје. Во Музејот има околу 30 наоди од мермерна пластика, мермерни статуи на божества и на видни граѓани од Стибера. Во прилепскиот Музеј се околу 20 такви статуи, што значи во седум децении се пронајдени 50 до 60 вредни наоди и се во двете установи.

Во 1953 година, според видувањата на археологот Душанка Ковачевиќ од Археолошкит музеј на Македонија, тогаш се истражувало токму во двата сектора на локалитетот Стибера: во Гимназионот и храмот на богињата Тихе. ем/дма/

 

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан