• сабота, 23 ноември 2024

По четири месеци пауза почна со работа затворениот градски базен во Куманово

По четири месеци пауза почна со работа затворениот градски базен во Куманово
Куманово, 4 мај 2022 (МИА) - Повторно почна да работи затворениот градски базен во Куманово соопштија денеска надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ кое менаџира со комплексот базени. Затворениот базен пред четири месеци со одлука на советот на општината беше затворен за посетители, по барање на менаџерскиот тим на претпријатието поради високите сметки за енергенсите. - По подолга пауза од четири месеци поради енергетската криза и цените на струјата и на гасот коишто во моментот навистина се енормни ЈП не можеше да ги издржи овие цени и беше донесена одлука градскиот базен да биде времено затворен и вчера повторно е отворен за пливачите, рекреативците, пливачките клубови коишто ќе можат да го користат, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски. Работното време на базенот останува како и претходно од 08 до 22 часот, секој работен ден вклучително сабота, освен недела поради законските измени со кои недела е неработен ден. - Се надеваме дека во наредниот период нема да има некои поголеми турбуленции во однос на дистрибуција на гасот и цената на гасот и базенот ќе може нормално да продолжи со работа, изјави Стојчевски. Тој информираше дека екипите ги санирале оштетувањата и дека се подготвуваат интензивно и за летната сезона со отворање во јуни, годинава на отворениот дел од комплексот базени. Во моментов има шест клуба кои активно го користат затворениот градски базен. - Цената во моментот за рекреативните пливачи е 100 денари за час, додека за спортските клубови е 300 денари по лента, меѓутоа ние како ЈП веќе имаме доставено предлог до Совет на општина Куманово поради цените на гасот, зголемените трошоци за одржување на градскиот базен, зголемување на платите на вработените согласно најновите законски измени цената за рекреативците да биде 150 денари, а дополнително да се уреди и она плаќање коешто го имаат клубовите кон ЈП, меѓутоа за тоа е потребна одлука на Совет на општина Куманово. Ние веќе доставивме иницијатива и предлог, очекуваме веќе во наредниот период да биде поддржана на Советот, најмалку што сакаме е да бидат покачени цените, меѓутоа за рентабилно работење на самиот градски базен ние како ЈП сме принудени да доставиме вакви предлог-цени до Советот на општина Куманово, изјави Стојчевски. Поради зголемените цени за електрична енергија и гас, затворениот градски базен, времено беше затворен на 18-ти јануари годинава. Менаџерскиот тим тогаш образложи дека поради енергетската криза ќе се доведе во прашање примарната дејност на претпријатието, изнесување и собирање смет. ам/аа/

Остани поврзан