• вторник, 24 декември 2024

По усвоeната Концепција за осново образование, следува изработка на нови наставни програми

По усвоeната Концепција за осново образование, следува изработка на нови наставни програми
Скопје, 5 март 2021 (МИА) – По усвојувањето на Концепцијата за основно образование на седница на Владата во вторникот, следна фаза е да се изработат наставни програми за прво и за четврто одделение во кои од наредната учебна 2021/2022 година треба да почне нејзината постепена имплементација. Министерката за образование и наука Мила Царовска пред десетина дена соопшти дека МОН наскоро ќе објави повици (огласи) за подготовка на наставните програми на кои ќе може да аплицираат автори и експерти кои, како што рече, сакаат да придонесат во градењето ново, современо македонско образование. Вчера таа ги повика сите наставници и професори да се вклучат во подготвувањето квалитетни програми согласно со Концепцијата, за која рече дека е усвоена од Владата откако претходно три месеци имаше дебата и беа вклучени сите засегнати страни. На увид во градежните работи за доградба на основното училиште „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во населбата Хром, Царовска нагласи дека новата концепција значи и нов стандард и нов квалитет во образованието, но, исто така, и подобрување на инфраструктурата во која се одвива наставата. ВМРО-ДПМНЕ реагираше со тврдење дека тоа се само празни зборови зашто ништо од кажаното не е поткрепено со факти.  Опозициската партија ја повика Царовска да  објасни „каков е тој нов стандард и квалитет само со наставен план без наставни програми за кои допрва ќе распишува конкурс, а наставниците ќе ги обучува преку летото“. Владата по седницата во вторникот, на која беше усвоена Концепцијата за основно образование, соопшти дека во нејзината подготовка биле слушнати и прифатени стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации, а од самиот почеток во подготовката на документот бил вклучен и Синдикатот за образование, наука и култура-СОНК. - Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование. Таа е во најдобар интерес на децата и во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, воспитувани во духот на граѓанските и демократските вредности на општеството што е и основен постулат на Конвенцијата за правата на децата на Обединетите нации. Посебно место има континуираниот професионален развој на наставниците насочен кон стекнување и пренесување нови знаења за практичниот аспект на работата според стандардите за квалитет на воспитно-образовниот процес согласно европските трендови, информираше владината прес-служба по усвојувањето на документот. Целта на Концепцијата е да го реформира основното образование –  учениците да се оспособат за аналитичко и критичко мислење и наместо фактографски да учат суштински низ поврзување различни дисциплини. Предвидува нов наставен план со задолжителни и изборни предмети, при што оние кои ќе бидат опфатени во групите на општествени и  на природни науки ќе се изучуваат модуларно. Нацрт-верзијата беше претставена во ноември, до 20 јануари таа беше достапна за коментари, забелешки и сугестии на веб-страницата на МОН, а паралелно беа органиизрани и дебати со професори, директори на училишта, академици, граѓански организации... Согласно со прифатените конструктивни и издржани предлози, на 5 февруари во Собранието беше организирана јавна расправа на која беше презентирана и ревидираната верзија. Тогаш беше соопштено дека предметот Општествени науки, од прво до трето одделение ќе биде насловен Човек и општество, а од четврто до деветто - Историја и општество. Концепцијата за основно образование е предвидена со Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година и со Законот за основно образование донесен во 2019 година. Ќе се воведува етапно во период од шест години, а ќе почне во прво и четврто одделение во септември годинава. хс/сп/

Остани поврзан