• среда, 25 декември 2024

По средбата Вархеји-Османи: Се работи на старт на преговорите годинава

По средбата Вархеји-Османи: Се работи на старт на преговорите годинава

Брисел, 16 ноември 2021 (МИА)Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој утрово се сретна со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, го уверил дека позицијата на Европската комисија за старт на преговори останува непроменета, јави дописничката на МИА од Брисел.

- Нашата позиција останува непроменета. Со нетрпение ја чекаме првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. И двете земји ги исполнија условите и сега е на ЕУ да испорача, вели портпаролката Ана Писонеро за МИА.

Од Европската комисија додаваат дека сега откако поминаа изборите во Бугарија, Брисел се надева на брз напредок на терен во решавањето на отворените прашања помеѓу Скопје и Софија.

- Комисијата ќе остане во близок контакт со сите релевантни страни и ќе продолжи да работи со словенечкото претседателство за да се постигне нашата заедничка цел за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија уште оваа година, велат од Европската Комисија и ги охрабруваат С.Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните спорови, изјави Писонеро за МИА.

Одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција, која го означува формалното започнување на преговорите за членство со ЕУ, и усвојувањето на преговарачката рамка, се носи во Советот на ЕУ, односно на ниво на земјите членки. Европската Комисија има улога на предлагач.

За сега и покрај сите позитивни сигнали од Европската Комисија и од сите земји членки на ЕУ Бугарија сепак ја блокира Северна Македонија во процесот.

Надежта е дека до 31 декември ќе се изнајде решение. Министерот Османи вчера за МИА изјави дека “алармот е вклучен“ секаде во Европа како и во САД, но дека никој не може да гарантира дека Софија ќе го крене ветото. тм/вг/

Остани поврзан