• понеделник, 23 декември 2024

По протетот во Белград, блокирани двете главни железнички сатници, утре и на други места во Србија

По протетот во Белград, блокирани двете главни железнички сатници, утре и на други места во Србија

Белград, 10 август 2024 (МИА) - По завршување на протестот на „Теразија“ во Белград на еколошките организации против отворањето рудници за литиум во Србија, студентите и организаторите ги блокираа двете главни железнички станици во Белград и најавија дека утре ќе има блокади на уште три места во Србија. Учесниците на протестот премиерот Милош Вучелиќ ги нарече „разбиена банда“, јави дописникот на МИА од Белград.

По протестот, на кој според организаторите учествуваа околу 40.000 луѓе, на повик на повеќе еколошки организации, неколку илјади граѓани и студенти, предводени од Златко Кокановиќ од „Не го даваме Јадар“, се упатија кон двете железнички станици во Белград, притоа блокирајќи ги централните белградски улици и мостот „Газела“.

Тие влегоа во главната железниката станица „Прокоп“, како и на железничката станица на Нов Белград и ги блокираа.

Златко Кокановиќ за ТВ Н1 изјави дека „Прокоп“ и станицата во Нов Беград се избрани како единствени две точки на железничкиот сообраќај во Белград.

- Рековме дека нема да ги малтретираме нашите граѓани. Иако дел од луѓето патуваат со воз, сепак, ги има помалку. А, од утре имаме три до пет точки железнички сообраќај на неколку места во Србија. Ги повикуваме сите организации, секој во своето место каде што има клучна точка, да ја блокира. Србија мора да застане за повторно да стане, рече тој, нагласувајќи дека ќе застанат на шините во Нов Белград цела ноќ, а ако треба и седум дена.

Небојша Петковиќ од Горње Недељице, каде треба да се копа литиум, кој е меѓу групата протестанти кои ја блокираа пругата на станицата Нови Белград, порача дека блокадата на дел од пругата, каде што има два колосека, ќе остане до понатамошно известување, т.е. усвојувањето на законот за забрана за ископ на литиум.

- Полицијата денеска не предупреди дека ова е криминално дело, тоа што го правиме. Не задржаа пет минути, не полицијата туку БИА. Од утре ќе почнат блокади низ Србија на уште три точки, засега. И како што кажав, очекувам реакција низ цела Србија да се блокираат што повеќе пруги, што повеќе патишта, рече тој.

На прашањето дали очекува реакција од надлежните, вели дека по вечерашниот митинг и по вечерашната акција навистина „очекува да се вразумат“. об/паг/

Остани поврзан