• сабота, 23 ноември 2024

По налог на СПАК минатата година во Албанија конфискуван имот вреден 41 милион евра, почната истрага против 18 функционери

По налог на СПАК минатата година во Албанија конфискуван имот вреден 41 милион евра, почната истрага против 18 функционери

Тирана, 4 април 2024 (МИА) – Првиот човек на албанското специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, Алтин Думани, изјави дека минатата година во Албанија е конфискуван имот вреден 41 милиони евра, стекнат од криминални активности.

- СПАК одигра важна улога во симнувањето на Албанија од сивата листа и успеа да создаде кредибилитет во регионот и пошироко. Вредноста на средствата запленети во текот на 2023 година е 41 милион евра, а за 18 лица на високи функции почната е истрага, рече Думани, на седница на Високиот совет на обвинители, на кој присуствуваше и директорката на Националното биро за истраги Аида Хајна.

Презентирајќи го извештајот за минатата година, тој оцени дека Албанија има добра соработка со Европол и Европравда и оти постигнала напредок во запленувањето на имотот, но додаде дека тоа мора да продолжи и во иднина.

Според него, во одредени случаи немаат доволна соработка со полицијата „поради вмешаност во организиран криминал на високи полициски функционери“.

- СПАК има воспоставено кредибилитет кај другите институции, во регионот и пошироко. Претставници на ДЕА и ФБИ се вклучени во работата на СПАК. Имаме подготвен институционален стратешки план по кој работиме. Во одредени случаи, особено оние од организиран криминал, се уште немаме соработка со полицијата бидејќи излегува дека има инволвирани од нејзините лица на високо ниво, нагласи тој.

Думани побара поголема соработка со сите институции, а во однос на отвореноста кон медиумите посочи дека имаат коректна комуникација. вт/паг/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан