„По име Господин“ е најновата премиера на прилепскиот театар
- Вечер на сцената од матичниот театар, ансамблот на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе претставата „По име Господин“ по текст на Филип Лоле во режија на Борис Василески. Станува збор за современа фарса и за потрагата по индивидуалната слобода, да се отфрлат општествените правила и норми кои ги обезвреднуваат нашите животи.
Прилеп, 6 декември 2024 (МИА) - Вечер на сцената од матичниот театар, ансамблот на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе претставата „По име Господин“ по текст на Филип Лоле во режија на Борис Василески. Станува збор за современа фарса и за потрагата по индивидуалната слобода, да се отфрлат општествените правила и норми кои ги обезвреднуваат нашите животи.
-Претставата е современа фарса која раскажува приказна за еден човек кој го викаат Господин кој, всушност, патува во потрагата по својата индивидуална слобода. Така што, претставата е токму тоа – потрага по индивидуалната слобода во овој ваков свет во кој живееме. Вторпат соработувам со ансамблот на театарот и веќе ми е позната енергијата која е голема, вели режисерот Борис Василески.
Ансамблот на театарот во претставата е засилен со млади актерски имиња кои сѐ уште чекаат вработување.
-Театарот им дава голема шанса на младите актерски имиња кои чекаат вработување. Всушност во претставата 40 насто токму тие се двигатели. Тие млади имиња во претставата се Дарко Карбески и Наталија Ристеска, вели Михајло Миленкоски, раководител на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.
Во претставата играат: Димитар Ѓорѓиевски, Даниела Иваноска, Михајло Миленкоски, Дарко Карбески и Наталија Ристеска. Драматизацијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата на Ненад Тонкин, костимите се на Марта Дојчиновска, а музиката на Серафим Чернит.
Ова е втора соработка на режисерот со ансамблот, а прилепскиот театар до крајот на годинава ќе понуди уште една премиерна претстава. ем/дма/
Фото: МИА