• вторник, 24 декември 2024

Појава на сина супермесечина в среда, следната е во мај 2026 година

Појава на сина супермесечина в среда, следната е во мај 2026 година

Скопје, 29 август 2023 (МИА) - На небото в среда ќе може да се види тн. сина супермесечина. Оваа појава се случува кога целиот диск на Месечината е осветлен и кога таа е најблиску до Земјата, во истовреме.

Тоа, сепак, не значи дека нашиот природен сателит ќе биде син по боја, туку тој назив го означува второто појавување на полна месечина во еден месец. Имено, првата полна месечина овој месец се случи на 1 август, а втората - задутре. Зенитот е во 8:46 часот наутро по македонско време, но појавата може да се види од секаде на планетава ако небото е чисто. Околу 25 отсто од полните месечини се супермесечини, но само три отсто се сини месечини, според НАСА, што е релативно ретка појава. 

Заедно со сината супермесечина, в среда на небото ќе биде видлив и Сатурн.

Супермесечината е околу 16 насто посветла од вообичаената појава на Месечина, а изгледа и поголема од просечната полна месечина. Супермесечината на 30 август ќе изгледа уште поблиску до Земјата отколку полната месечина на почетокот на август. Последната од четирите супермесечини за оваа година ќе биде тн. „Месечината на жетвата“ на 28 септември.

Следната сина Месечина е предвидена за мај 2026 година, а наредната ќе може да се види во 2037., и во јануари и во март.

Во просек, Месечината е оддалечена од Земјата околу 384.400 километри. Патеката по којашто орбитира околу нашата планета не е совршен круг, туку е малку издолжена елипса. Исто време, таа е малку и „изместена“, па точката каде што е најблиску до Земјата се нарекува перигеј (околу 363.295 км), а точката каде што е најдалеку (околу 405.503 км) се нарекува апогеј.

Под влијание на гравитацијата на Сонцето и планетите (првенствено Сонцето), патеката на Месечината се поместува малку подалеку во однос на Земјата, така што секој перигеј не е подеднакво блиску, како што и не секој апогеј подеднакво далеку.  си/сд/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан