• вторник, 24 декември 2024

Почнува 48-часовниот хакатон „НАСА спејс апс челинџ“

Почнува 48-часовниот хакатон „НАСА спејс апс челинџ“
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) - Скопје викендов 10. пат е домаќин на најголемиот хакатон во светот „НАСА спејс апс челинџ“, кој почнува денеска и ќе трае до 2 октомври. Хакатонот е можност за двајца учесници од победничкиот тим да го посетат НАСА Кенеди спејс центарот во Флорида, САД, заедно со нивниот ментор. Официјалното отворање е денеска од 12:00 до 14:00 часот во присуство на претставници од Амбасадата на САД. Предвидени се презентација на предизвиците кои ќе може да се изберат за време на хакатонот и бесплатна подготвителна работилница за поттикнување работа во тим, решавање проблеми и лидерство. - Во земјава оваа година натпреварот ќе се одржи по јубилеен 10. пат. Традиционално го организира Њуменс бизнис акцелераторот и Фондацијата Голдилокс, во партнерство со Амбасадата на САД во Скопје и во соработка со домашни компании, ментори експерти од индустријата, професори и наставници. Досега на хакатонот учествуваа над 1 500 млади таленти меѓу 15 и 29 години, а големо е задоволството што во последниве неколку години дури 40 отсто се девојки. Три наши тимови досега беа прогласени меѓу 40-те финалисти на натпреварот во глобална конкуренција од над 2 000 тимови што е многу значајно постигнување: Тимот Delta во 2017 година, како и тимовите Atom Z и EXCELerators во 2020 година, наведуваат организаторите. Учеството на „НАСА спејс апс челинџ“, освен во живо, со лично присуство, може да биде и онлајн. Утре и задутре, на 1 и 2 октомври од 9:00 до 22:00 ќе се одржува 48-часовното хакатон-натпреварување во решавање стем/спејс предизвици, а националното финале е на 4 октомври 13:30-16:00. Најдобрите решенија што ќе се креираат во 2022 година ќе се прилагодат за да можат во иднина да бидат користени и од страна на македонските основни и средни училишта како едукативен материјал кој ќе има за цел да ја поттикне љубовта кон СТЕМ-дисциплините кај помладите генерации. мч/дма/

Остани поврзан