• вторник, 24 декември 2024

Почнува 14. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура

Почнува 14. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура

Скопје, 4 октомври 2022 (МИА) - Народната банка на Република Северна Македонија и Централната банка на Холандија по четиринаесетти пат ја организираат Конференцијата за плаќања и пазарна инфраструктура, со што продолжува традицијата за отворена дискусија за предизвиците и можностите што ги носи глобалниот бран на дигитализацијата за финансиските услуги.

Годинава, конференцијата на тема: „Просперитетна иднина на дигиталните плаќања“, ќе се одржи во виртуелен формат.  

-Новите технологии за плаќањата предводени од финтек-компаниите, коишто нудат широк опсег на платежни производи и услуги, ќе бидат главните теми на  меѓународната конференција, на која носителите на политиките и експертите ќе ги споделат мислењата за потребата од  отвореност на системите на банките и засилената автентикација на клиентите, како и за важноста на безбедноста на дигиталниот простор. На овој меѓународен настан којшто започнува утре ќе ѝ се посвети внимание и на потребата и очекуваните придобивки од воведувањето на дигиталните валути на централните банки, се вели во соопштението од Народната банка. 

Воведно обраќање на конференцијата ќе имаат гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ и директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк, a ќе учествуваат претставници на Европската централна банка и централните банки на земјите од Европската Унија, централните банки на земјите од регионот, Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија, Банката за меѓународни порамнувања. сст/бак/

Остани поврзан