• четврток, 26 декември 2024

Почнува 11. Фестивал на народна култура „Пображење“ во Вевчани

Почнува 11. Фестивал на народна култура „Пображење“ во Вевчани
Вевчани, 16 август 2021 (МИА) – Со стручна едукативна вечер на тема „Народните ора низ призмата на етнокореолошките записи“, вечер почнува 11. издание на фестивалот на народна култура „Пображење“ во организација на Културно уметничкото друштво „Дримкол“. Народната култура на својата земја оваа година на сцената во Вевчани ќе ја презентираат културно уметничките друштва „Дримкол“ од Вевчани, „Илинден“ од Струга, „Соко“од Инџија, Србија, и „Илинден“ од Демир Хисар. Преку целовечерен концерт под наслов „Приказни од чаршијата“ ќе се претстави КУД„Илинден од Битола. Свеченото отворање е најавено за утре, со настап на домашни и странски уметници. Целта на „Пображење“, според претседателот на КУД „Дримкол“ Тошо Чочороски, е афирмација на македонската духовна култура и традиција, запознавање со културата и традицијата на други земји од светот и збогатување на туристичката понуда во Вевчани и регионот. - Заокруживме една успешна декада постоење на овој фестивал. Се радуваме што фестивалот е веќе јасно препознатлив во нашата земја и пошироко. Вевчани отсекогаш бил достоен чувар на традицијата, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, а токму и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон богатото македонско културно наследство, истакна Чочороски. Покрај сценско уметничката презентација на орската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот се реализира и програмската содржина: „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“, на која тема оваа година во Вевчани ќе слика академскиот сликар Јане Бакрески, ликовен уметник и доцент по визуелни уметности на универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ во Охрид. Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово на 19 август со етно звуците на македонскиот народен оркестар „Осоговски Извор“ - Оризари, Кочани и настап на КУД„Соко“ - Инџија,Р.Србија. сс/цр

Остани поврзан