• среда, 25 декември 2024

Почнува организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка - пријавување преку веб платформата skrining.mk 

Почнува организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка - пријавување преку веб платформата skrining.mk 
Скопје, 8 март 2022 (МИА) - Министерството за здравство почнува со организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка. За закажување превентивен преглед, од денеска е достапна веб платформата skrining.mk. Според Министерството, веб платформата skrining.mk е директно поврзана со системот МојТермин и матичниот гинеколог веднаш добива информација за пријавени пациентки, по што ги известува пациентките во кој термин е закажан прегледот. Согласно распоредот предвиден во планот за ПАП тестирање, матичниот гинеколог ги повикува жените, информирајќи за точниот датум и час кога треба да се направи ПАП тестот. Годинава се издвоени приближно 11 милиони денари за оваа потпрограма во рамки на Програмата за рана детекција на малигни заболувања. -Во рамки на заложбите за заштита на женското здравје, токму на Меѓународниот ден на жената информираме дека почнуваме со организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, наведува Министерството за здравство. Со организиран скрининг оваа година се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП тест. Прегледот во рамки на овој скрининг за оваа возрасна група е бесплатен. Мој термин во соработка со Националната комисија за рак на грло на матка изминатиот период интензивно работеше на оваа новина и за првпат на овој начин жените од предвидената група можат да се пријават да учествуваат во овој скрининг, а целта ни е да го зголемиме опфатот на жени кои ќе направат преглед, имајќи предвид дека раната детекција и превенција на ракот на грлото на матката е еднакво важна и во услови на пандемија. Препорака на СЗО е жените вклучени во скринингот да се поделени во три возрасни групи: од 24-35, 36-45 и 46-61 година. Интервалот на спроведување на скринингот е три години, за да се опфатат сите овие возрасни групи. -Ракот на грлото на матката е четврт најчест тип канцер кај жените во светски рамки, а во нашата држава во просек годишно заболуваат околу 150 жени од рак на грло на матка, потенцира Министерството. Апликацијата за пријавување е достапна на https://skrining.zdravstvo.gov.mk/paptestapplication?fbclid=IwAR0RTatOt6bQsIdb0RsT-zQy1k2zpWYEMWMOYi3GU2vhM6DBSgHhhwP9th0. мч/ац/

Остани поврзан