• вторник, 24 декември 2024

Почнува новата концертна сезона на оркестарот на Филхармонија

Почнува новата концертна сезона на оркестарот на Филхармонија
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Со концертот „Зорнина“, на кој како солисти ќе настапат пијанистите Алексеј Володин и Едит Пења, вечерва почнува новата сезона на оркестарот на Филхармонија „Дамар на слободата“. Диригент е Гудни А. Емилсон од Исланд, а на програмата се дела од Волфганг Амадеус Моцарт.

-Првиот став е напишан во сонатна форма, а делото започнува со двојна експозиција – првата со оркестарот, втората кога се приклучува пијаното. Ставот содржи неколку теми кои имаат специфична мелодиска структура, со повремена употреба на хроматика која ја потенцира хармонската тензија во овој став. Во вториот став може да се почувствува оперски тон. Солистот го почнува ставот сам, презентирајќи ја темата во сицилијански ритам. Динамиката е мека и суптилна во текот на целиот став. Третиот став е феноменална завршница на концертот, типичен Моцартов музички „есеј“ на деликатно осмислената концертна форма, соопштија од Филхамронија.

Како што потенцираат, овој концерт за пијано е еден од најизведуваните и најпознатите – пијанистот Чарлс Розен изјавил дека „делото е исто толку мит колку и ремек-дело: кога го слушате, тешко може да утврдите дали го слушате делото или неговата репутација“.

Концертот е комплексен, драматичен, донекаде и мрачен и во него може да се почувствува духот на романтизмот, кој ќе го донесе музиката во 19 век. Има богата оркестрација, рафиниран и мек звук, во него солистот може до крај да ја искаже својата уметничка индивидуалност и да „зборува“ со јазикот на срцето.

-Првиот став најавува силна и возбудлива драматичност. И солистот и оркестарот со своите делници прават трансценденција во оваа атмосфера. Вториот став, како што сугерира и насловот „Романса“, носи нова, помирна енергија и звучност. Страсната, лирска, нежна и романтична прва тема во пијаното, дава чувство на мир и спокој. По неа се појавува втората, подраматична тема која ѝ се спротивставува на првата со својот немирен дух. Ставот завршува со разложени акорди, кои наликуваат на шепот. Третиот став се враќа на бурниот карактер од првиот став, заокружувајќи го ова маестрално музичко дело, потенцираат од Филхармонија.

Инаку, Алексеј Володин е роден 1977 година во Санкт Петербург. Тој се смета за еден од најсилните претставници на руската пијанистичка школа и за инструменталист од елитата на светскиот пијанизам, кој редовно настапува со престижни оркестри како Њујоршката филхармонија, Оркестарот на театарот „Марински“, Лондонскиот симфониски оркестар и диригенти од рангот на Валериј Гергиев, Владимир Федосејев, Марк Албрехт и Семјон Бичов.

Едит Пења е родена во Каракас, каде што го започнува своето музичко образование на четиригодишна возраст. Четири години подоцна дебитира како солистка со оркестарот „Симфоника“ на Венецуела, а истата година се преселува во САД, во Филаделфија, каде што дебитира и со оркестарот на Филаделфија. Студира кај проф. Сузан Стар, а подоцна и кај проф. Сергеј Бабајан во Кливленд.

Гудни А. Емилсон е роден во Рејкјавик, Исланд. На четиригодишна возраст започнува да зема часови по музика кај неговиот татко. Како магистранд на Државниот универзитет Тросинген во Германија, студира пијано кај Волфганг Вагенхаусер и диригирање кај Валтер Хаглер.

Како диригент настапил со водечки светски оркестри како Филхармонијата на Штутгарт, Симфонискиот оркестар на Нирнберг, Симфонискиот оркестар на Гетинген, Камерниот оркестар на Манхајм, Симфонискиот оркестар на универзитетот во Лајпциг и Северно-германската филхармонија.бт/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан