• среда, 27 ноември 2024

Почнува Глобалната недела на парите 2024: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“

Почнува Глобалната недела на парите 2024: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“

Скопје, 18 март 2024 (МИА) - Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, од денеска до 24 март, дванаесетта година по ред, ја одбележуваат Глобалната недела на парите.

Глобалната недела на парите, како што соопшти Народна банка, традиционално се одбележува преку предавања и објавување едукативни материјали од областа на финансиите. 

Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“ (Protect your money, secure your future), којашто се однесува на безбедното управување со парите и јакнењето на свеста за потенцијалните ризици во финансискиот сектор и заштитата на личните финансии.

Во соопштението од Народна банка се посочува дека таквите ризици вклучуваат финансиски измами, вклучително и сомнителни пораки (фишинг), измами при купување преку интернет, како и ризици поврзани со приватноста на податоците, како што е кражбата на идентитетот.

-Најчесто младите се жртви на финансиски измами, поради нивниот постојан допир со технологиите и пониската информираност за можните опасности  при користењето на современата технологија и современите начини на плаќања за обезбедување нови финансиски производи и услуги. Оттаму, темата на овогодишната Глобална недела на парите ги поттикнува младите луѓе да гледаат подолгорочно и да бидат претпазливи при носењето финансиски одлуки и користењето на современите технологии, се наведува во соопштението.

Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Народната банка ќе организира повеќе предавања за учениците од основните и средните училишта. Од Народната банка велат дека организациски го поддржува и националниот натпревар на Европскиот квиз на парите 2024 година, којшто ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите.

Во меѓународни рамки, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org

дма/лв/

Фото: Народна банка

Остани поврзан