Почнува „Вело Струмица“-фестивал посветен на љубителите на велосипедизмот
- Со поставување на сервис и совети за користење на велосипед, денеска во Струмица почнува првиот фестивал во нашата држава посветен на љубителите на велосипедизмот, кој ќе трае до 5 јуни.
Струмица, 2 јуни 2022 (МИА) - Со поставување на сервис и совети за користење на велосипед, денеска во Струмица почнува првиот фестивал во нашата држава посветен на љубителите на велосипедизмот, кој ќе трае до 5 јуни.
Фестивалот се одржува под мотото „Струмица-се е блиску“, но и со одбележување на 3 Јуни-Светскиот ден на велосипедот.
- Препознавајќи ја уникатноста, долгата традиција, практичноста и придобивките на велосипедот како сигурен, достапен, чист и еколошки одржлив начин на транспорт и понесени од идејата за одбележување на 3 Јуни-Светскиот ден на велосипедот, Општина Струмица ја започнува реализацијата на плански осмислениот концепт во форма на фестивал кој е фокусиран токму на велосипедот како средство за превоз, рекреација и животен стил, рече градоначалникот Костадин Костадинов.
Утре во рамки на Фестивалот ќе се одржи централен настан во рамки на кој Општината ќе ги презентира новите транспортни политики кои ќе започнат да се спроведуваат во градот и се насочени кон изградба на градска велосипедска мрежа. Станува збор за проектот “Струмица – Паметен вело град“ поддржан и финансиран од Европската Унија и директно од буџетот на Општината.рт/дма/