• петок, 08 ноември 2024

Почна уредувањето патеки во Соколанскиот парк во Куманово

Почна уредувањето патеки  во Соколанскиот парк во Куманово

Куманово, 8 ноември 2023 (МИА) - Почна уредувањето на патеките во Соколанскиот парк во Куманово, соопштија денеска надлежните. Механизацијата на избраната градежна компанија е на терен.

-Во тек е реконструкција на патеките во Соколанскиот парк. Следува поставување на нова камен-тепих подлога, изградба на фонтана, нови канделабри, нови клупи и корпи за отпадоци, како и изградба на нови спортско-рекреативни содржини и игралишта. Се работи и на првата фаза од реконструкција на објектот Соколана, соопшти кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

За реконструкцијата на Соколанскиот парк и паркинг со спортско игралиште во комплекс на Соколана, како што е наведено на електронскиот систем за јавни набавки, општината од буџетот одвои речиси 13 милиони денари со вклучен данок на додадена вредност.

Неодамна почна реконструкција на дел од Соколана од Куманово. Како што појаснија надлежните, во моментов се заштитува статиката и се менува покривот.

-Средствата се околу осум милиони денари. Реконструкцијата ќе се спроведува во три фази. Со втората фаза е предвидено менување на столарија и изработка на фасада, а  третата е предвидена за внатрешно уредување на објектот, изјави претходно Димитриевски.

Распишана е и постапка за партерно уредување на уште едно игралиште во комплексот. ам/љм/

Фото: Општина Куманово

Остани поврзан