• сабота, 23 ноември 2024

Почна традиционалниот турнир во мал фудбал „Дебар 2024"

Почна традиционалниот турнир во мал фудбал „Дебар 2024

Дебар, 1 август 2024 (МИА) - Под покровителство на општина Дебар, синоќа почна традиционалниот турнир во мал фудбал „Дебар 2024".

Турнирот за отворен го прогласи градоначалникот Хекуран Дука, кој на почеток упати топол и искрен поздрав до публиката и сите учесници. 

-Порачувам натпреварите да поминат во спортски дух и нека победи најдобриот во фер натпреварување. Како локална власт ветувам дека ќе продолжиме да ја поддржуваме оваа, но и сите спортски и културни активности. Посебна благодарност, за присуството на трибините, упатувам и до нашинците кои се тука, во родниот крај, каде ги минуваат одморите, рече меѓу другото Дука.

На отворањето присуствуваше и претседателот на Советот на општината, Фуат Спахиу, познат фудбалер на ФК „Кораби" кој  посака натпреварите да бидат во спортски дух, а трофејот да и припадне на најдобрата екипа.

Осум екипи се во трката за годинашниот трофеј. Натпреварите се одржуваат на спортскиот полигон кај Општинското основно училиште „Пенестија". Првиот натпревар го одиграа екипите на „Ресторан Дрилон“ - „Ве Рент Жупа“, кој заврши со резултат 7:1.

Потоа силите ги одмерија екипите „Таверна Цами"  и „Митегра" (8:2), па екипите на „Еребара констроктион" - „Сем Терм", натпревар кој заврши со резултат 2:1.

Турнирот во мал фудбал „Дебар 2024" е во рамки на манифестацијата „Дебарско културно лето 2024", со која се планирани повеќе културни и спортски настани. вт/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан