• вторник, 24 декември 2024

Почна традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2021“ 

Почна традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2021“ 

Скопје, 26 февруари 2021 (МИА) - Во трговскиот центар „Капитол мол“ во Скопје по осми пат започна традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2021“, која ќе биде отворена до први март. Покрај музејска постановка со автентични амајлии од повеќе држави, има и едукативни панели, продажна галерија со ракотворби и промоција на четири илустрирани читанки за деца за обичајот „Мартинки“ на македонски, англиски, албански и туриски јазик, како и две боенки за деца на македонски и на англиски јазик.

-Печатените изданија за деца коишто ќе ги промовираме на традиционалната манифестација посветена на обичајот „Мартинки“ се поддржани од Европската комисија и Советот на Европа, во рамки на „Приказните за европското културно наследство 2020“ каде проектот за „Денот на Баба Марта“ на „ХАЕМУС“ беше избран меѓу десетте најдобри европски приказни, како исклучителен пример преку којшто се визуелизира и интерпретира културното наследство, вели Василка Димитровска, директор на „ХАЕМУС“.

Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2021“ се организира со поддршка од „Капитол мол“, Град Скопје и приватни донатори, под мотото на УНЕСКО за Отворени образовни ресурси. Манифестацијата ќе биде реализирана во мал обем и со соодветен протокол, запазувајќи ги препорачаните мерки за заштита во време на пандемија од КОВИД-19.

Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС“, а манифестацијата претставува дел од активностите поврзани со традиционалниот украс мартинките, како нематеријално светско културно наследство впишано на репрезентативната листа на УНЕСКО. свс/мд/

Остани поврзан