• недела, 15 декември 2024

Почна собраниската расправа за Предлог - буџетот за 2025 година

Почна собраниската расправа за Предлог - буџетот за 2025 година

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Собранието во рамки на 22. пленарна седница денеска ја започна петдневната расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Согласно Деловникот на Собранието, на седницата пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска пред пратениците истакна дека следната година ќе биде инвестициска. 

Предлог буџетот се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти и според Владата, тој е развоен, поткрепен со планирани средства за капитални инвестиции, проекти на општините и поддршка на стопанството.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарда денари. Буџетскиот дефицит, пак,со апсолутен износ од 41.350 милиони денари или 4 проценти од планираниот БДП.

Инфлацијата се очекува да се намали на 2,2 процента како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација и поумерениот притисок од базичната инфлација. За извозот проекции за раст од 4,2 отсто, а за увозот од 4,4 проценти.

За капитални инвестиции се планирани 50,5 милијарди денари, како и 349,6 милијарди денари за тековни расходи, како  исплата на плати, на пензии, социјални права, субвенции во земјоделството, поддршка на мали и средни претпријатија, на ранливи категории граѓани и за стопанството...

Расходите за плати се на ниво од 48,1 милијарда денари и бележат раст од 8 проценти, а за стоки и услуги 26,2 милијарди денари со намалување од 0,5 проценти во структурата на вкупните расходи. За исплата на пензии се планирани 105,5 милијарди денари со кои се обезбедуваат средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари од март следната година. За надоместоци за социјална заштита околу 14,5 милијарди денари, за паричен надомест во случај на невработеност 1,6 милијарди денари, а за спроведување активни политики и мерки за вработување 2,3 милијарди денари. Повеќе средства се обезбедени за здравствена заштита, односно 52,5 милијарди денари или за 10,7 проценти повеќе. Поддршката во земјоделството е планирана на ниво од 8 милијарди денари, додека трансферите до единиците за локална самоуправа на ниво од 33,2 милијарди денари или за 2,5 милијарди денари повеќе. 

Претходно, пратениците го донесоа одлуките за избор на директор и заменик директор на Агенцијата за заштита на лични податоци, како и одлуката за избор на член на Советот на јавните обвинители. Исто така е изгласан и потребата за носење на неколку закони меѓу кои и измените и дополнувањата на Законот за деца, на Законот за јавни набавки, Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година и Предлог на закон за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кои се носат по скратена постапка. ев/нд/

Фото: Принтскрин

 

 

 

 

Остани поврзан