Почна реконструкцијата на локалниот пат Драчево- Мотел Китка делница село Црвена Вода „Китка’’ во Општина Студеничани
- Во Општина Студеничани денеска беше поставен камен темелник на реконструкција на локалниот пат Драчево-Мотел Китка делница село Црвена Вода „Китка“.

Скопје, 15 март 2025 (МИА) - Во Општина Студеничани денеска беше поставен камен темелник на реконструкција на локалниот пат Драчево-Мотел Китка делница село Црвена Вода „Китка“.
Реконструкцијата е проект од првиот јавен повик на Владата во вредност од 63,5 милиони денари од кои 59,2 милиони денари се обезбедени преку Mинистерството за транспорт, а 4,3 милиони денари со кофинансирање на општината. Вкупната должина на овој локален пат во село Студеничани е 840 метри.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски истакна дека сè додека сите општински чинители работат за доброто на граѓаните, ќе има проекти коишто значат поквалитетен живот на граѓаните.
-И сè додека функционира сето ова вака како што функционира, ќе има проекти – ќе има проекти коишто значат поквалитетен живот на граѓаните, покомфорен живот, поубав живот. Ние немаме намера да заборавиме ниту едно место на целата територија на Македонија, ќе инвестираме секаде. Тоа го правиме еве веќе деветти месец, покажуваме поинаков начин на функционирање на Влада. Еден од претходните говорници кажа дека порано се инвестираше во општини коишто не беа градоначалниците од опозицијата, се бираше од која политичка партија се. Ние немаме таква намера, инвестираме секаде и ќе продолжиме така да се однесуваме во иднина. Ќе покажеме еден поинаков карактер, едно поинакво однесување, бидејќи граѓанинот-Македонецот, Албанецот, Турчинот, Србинот, Ромот, Бошњакот и сите останати, Влавот-се центарот на нашето внимание, и сите ние заедно ќе работиме за нивно подобро утре, рече Мицкоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски нагласи дека Министерството дава силна подршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Потенцира дека во општина Студеничани со средства од Министерството за транспорт веќе работат на подобрување на локалните патишта во населените места и овие средства се надвор од оние 100 милиони евра што Владата ги обезбеди за сите општините за реализација на капитални проекти.
-Од тука споделуваме две добри вести. Едната е дека привршуваме со реконструкција на локален пат во село Студеничани, 840 метри е вкупната должина и второ во тек е тендерска постапка во село Моране за реконструкција и целосна изградба на нов пат во должина од 1,3 км. Двата одат преку средствата што Министерството за транспорт ги обезбеди преку кредитот на Светска банка и ова е дополнително на подршката што Владата ја даде минатата година, а и оваа година исто така и ќе дава силна подршка за општините во годините што доаѓаат, рече Николоски. фф/аа/
Фото: Влада/Министерство за транспорт