• вторник, 24 декември 2024

Почна реконструкцијата на игралиштето во деветолетката „Димитар Влахов“-Штип

Почна реконструкцијата на игралиштето во деветолетката „Димитар Влахов“-Штип

Штип, 29 ноември 2023 (МИА) - Општинското основно училиште (ООУ) „Димитар Влахов“-Штип ќе добие ново спортско игралиште, на него учениците ќе можат да играат мал фудбал, кошарка и  одбојка. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека активностите за реконструкција се започнати, а ќе траат до крајот на тековната година.

-Знаете дека Основното училиште „Димитар Влахов“ е училиште со поголем број на ученици во најголемата населба Сењак. Овој простор го користат и учениците, но и дечињата од околните станбени згради, така што целиот двор, сите спортски терени целосно ќе бидат осветлени, ќе се модернизира целиот двор, ќе има и заштитна ограда, вели Јорданов.

Директоркта на ООУ „Димитар Влахов“-Штип, Невенка Величкова истакна дека во рамките на реконструкцијата ќе бидат четири спортски терени, од коишто два со тартан подлога, а останатите две со вештачка трева.

-Ќе бидат поставени и детски реквизити со две платформи од 100 и 150 сантиметри за одвивање на наставни и воннаставни активности во нашето училиште, вели Величкова.

Градоначалникот Јорданов вели дека овозможувањето услови за спорт треба да ги мотивира учениците од ова училиште, но и другите деца и млади од оваа населба да се одлучат за здрав начин на живот со повеќе спортски и рекреативни активности.

Проектот е финансиран од Општина Штип преку Програмата за образование, а за модернизирање и реконструкција ќе бидат потрошени повеќе од три милиони денари. вдј/аа/ 

Фото: МИА

Остани поврзан