• вторник, 24 декември 2024

Почна имплементацијата на ИПА3 Програмата за прекугранична соработка меѓу РС Македонија и Албанија

Почна имплементацијата на ИПА3 Програмата за прекугранична соработка меѓу РС Македонија и Албанија

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Министерството за локална самоуправа, Државна агенција за стратешко програмирање и координација на помош (SASPAC) на Албанија и Европската Унија, во Охрид официјално го означија почетокот на имплементацијата на ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, преку која се обезбедени 13,79 милиони евра за проекти, за периодот до 2027 година.

- Целта на програмата е промовирање на одржлив развој, заштита на животната средина и социо-економски раст, со фокус на подобрување на прекуграничниот регион преку одржлив туризам, културно наследство и иницијативи за адаптација на климатските промени, велат од Министерството за локална самоуправа.

На настанот присуствуваат претставници на општините и на граѓански здруженија од двете држави.

- Претставниците од оперативните структури на двете земји, како и од Делегацијата на ЕУ во Скопје ги информираа учесниците за целите на програмата, како и за начинот на имплементација. Притоа беше истакнато како корисно искуството и успехот на програмата од ИПА вториот програмски период, соопштуваат од Министерството.

Оттаму, појаснуваат дека финансирањето е стратегиски поделено меѓу областите заштита на животната средина 6,3 милиони евра, одржлив туризам и културно наследство 6,3 милиони евра, и техничка помош во висина од 1,19 милиони евра за поддршка на имплементацијата на програмата ИПА 3 која има за цел да ги подобри условите на живеење и да создаде нови можности за општините и за граѓаните од пограничниот регион.

- Со покривање до 85 отсто од трошоците од страна на ЕУ, оваа иницијатива ја истакнува важноста на соработката во адресирањето на регионалните предизвици и засилување на локалното управување, велат од Министерството за локална самоуправа.

Настанот се одржа во Службата за спасување во планини, на Црвениот крст во Охрид, во организација на Заедничкиот технички секретаријат и Антената во Албанија. ир/са/

Фото: Министерство за локална самоуправа

Остани поврзан