• среда, 27 ноември 2024

Почна изградба на објект на училиштето „Сами Фрашери“ во Куманово

Почна изградба на објект на училиштето „Сами Фрашери“ во Куманово

Куманово, 27 мај 2024 (МИА) - Почна изградбата на новиот училишен објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово, соопшти денеска градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Средствата за изградбата се обезбедени преку Владата, Министерството за образование и наука и општина Куманово.

-Започна изградбата на новиот училишен објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово, проект во реализација на МОН во соработка со Општина Куманово, информираше Димитриевски.

Владата на 30 август лани, донесе одлука за почнување аткивности за изградба на објект за потребите на учениците од ова училиште. Вкупниот проект според тогашните проценки чинеше 120 милиони денари и треба да заврши за три години.

-Владината одлука предвидува средства во износ од 48 милиони денари во буџетот на МОН за 2023 година и дополнителни 70 милиони денари во 2024. Објектот ќе биде изграден на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, лоцирано во поранешната кумановска касарна, информираа тогаш од Владата.

Сектор за урбанизам од општина Куманово во јануари, годинава го издаде одобрението за градење на средното училиште „Сами Фрашери“, училишниот објект ќе биде сместен во поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Бедиње, каде што веќе функционира и средното училиште „Перо Наков“ на албански наставен јазик.

Генерации ученици следеа настава во несоодветни услови во поранешната административна зграда „ЗИК“, на еден од најфреквентните булевари во градот. ам/сст/


Фото: Општина Куманово и МИА

Остани поврзан