• вторник, 24 декември 2024

Почина создавачот на „Драгонбол“, Акира Торијама

Почина создавачот на „Драгонбол“, Акира Торијама

Токио, 8 март 2024 (МИА) - Создавачот на „Драгонбол“ - можеби еден од највлијателните и најпродавани јапонски стрип-уметници, Акира Торијама почина на 68-годишна возраст.

Стрип-серијата „Драгонбол“ првпат се појави во 1984 година, а приказната го следи момчето Гоку во неговата потрага и собирање волшебни змејови топки за да се одбрани од вонземјаните... Светски познатата серија за „Змејовата топка“ инспирираше и цел еден жанр - аниме (специфични јапонски цртани филмови и серии во тој стил), што го постави при врвот на современиот култ кон овој вид уметност.

Уметникот боледувал од акутен субдурален хематом. Тоа е вид крвавење во пределот на мозокот, соопшти денеска неговото студио. Торијама имал и недовршени дела во мигот на неговата смрт.

„Тој би имал уште многу што да покаже. Сепак, остави доста 'манга' (цртани дела, претходник на жанрот аниме) наслови и уметнички дела на овој свет. Се надеваме дека уникатниот свет на Торијама ќе продолжи да биде сакан од сите уште долго време“, се вели во соопштението.

Тој починал на 1 март. На погребот присуствувале само неговото семејство и неколку пријатели. си/ссм/

Фото: ЕПА

Остани поврзан