• среда, 27 ноември 2024

Потпишан нов колективен договор во АД ЕСМ

Потпишан нов колективен договор во АД ЕСМ
Скопје, 11 април 2022 (МИА) - АД ЕСМ и Синдикалната организација во компанијата потпишаа нов колективен договор со кој, како што велат од ЕСМ, се унапредуваат и подобруваат условите за работа, како и правата на вработените. Договорот го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски и претседателот на Синдикалната организација на АД ЕСМ Јове Смилевски. -Новиот колективен договор носи подобрувања на одредбите во повеќе сфери и е резултат на преговори меѓу менаџментот на АД ЕСМ и единствениот репрезентативен синдикат на вработените, а со поддршка на ССМ и Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), велат од ЕСМ. Новиот колективен договор, информираат, предвидува прецизирање на минималната плата согласно новите законски измени, утврдување на исплата на два додатоци за работа во недела согласно новите законски одредби, дополнителни исплати за вработените во случаи на работни обврски надвор од утврдените со работното место, особено за работа во стручни комисии за инвестициски и други проекти. Покрај тоа, предвидува унапредување на родовата еднаквост во однос на одредени прашања поврзани со солидарната помош, унапредена е можноста за оспособување и стручно усовршување на вработените особено во профили кои во иднина ќе бидат повеќе потребни во производниот процес, односно кадри за работа во капацитети од обновливи извори на енергија, потоа олеснување на можноста за изведување на ученичка и студентска практична работа во електраните на АД ЕСМ итн. -Дополнително, во договор и со поддршка на Синдикатот, беше донесена одлука да им се овозможи на вработените самоиницијативно да се пријавуваат за неплатен одмор во траење до два месеца во период на траење на енергетската криза, за профили кои не се клучно неопходни за производниот процес, со цел да се намалат трошоците во криза, велат од компанијата и додаваат дека АД ЕСМ и натаму останува отворен за соработка во делот на синдикалното организирање и можностите за унапредување на условите за работа. Од менаџментот на АД ЕСМ, пак, сметаат дека целта на колективните договори не е само да ја подобрат финансиската состојба на вработените, туку и да имаат позитивен ефект врз колективната атмосфера во друштвото, вреднувајќи го трудот и залагањето на секој поединец кој ги извршува своите работни задачи совесно и одговорно. -Во предвид се земаат мислењата, потребите, побарувањата на вработените во сите подружници на АД ЕСМ, со што компанијата обезбедува најширок можен пленум во кој се разговара за унапредување и подобрување на условите на работа на работниците, порачуваат од АД ЕСМ. АД ЕСМ и Синдикалната организација при Државните електрани на Северна Македонија потпишаа колективни договори во 2018 и 2020 години. Според оценките од компанијата, секој од тие документи бил подобар од претходниот и претставувал дополнително подобрување на условите за работа на вработените, како и придобивките од работниот ангажман во АД ЕСМ. -Новиот колективен договор е круна на успешниот социјален дијалог кој се води во рамките на друштвото, порачуваат од АД ЕСМ.вј/са/  

Остани поврзан