• вторник, 12 ноември 2024

Потпишан меморандум за соработка на ССКM и Здружение Македонски дестилерии 

Потпишан меморандум за соработка на ССКM и Здружение Македонски дестилерии 

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - Сојузот на стопански комори на Македонија денеска потпиша Меморандум за соработка со Здружение Македонски дестилерии – Кавадарци со кој, меѓу другото, се предвидува соработка за лобирање и застапување на интересите на македонските дестилерии пред сите домашни и меѓународни организации и институции.

Меморандумот, исто така, гарантира заеднички настап на извозните пазари и поддршка во градење препознатливост на дестилериите на регионалните и меѓународните пазари.

Како што информираше Трајан Ангелоски, претседател на ССКМ на денешното потпишување на меморандумот, мотивот бил да се проектираат сет на активности кои планираат да ги направат со цел да бидат поддршка и институционален чадор за развој и понатамошни позитивни активности на македонските дестилерии.

- Заеднички да работиме на развој, брендирање и усоврушвање на македонските дестилати. Нашата туристичка комора ќе работи на организирање на странски тури за посета, дегустација, презентација и можност за промовирање на овие македонски производи, рече тој.

Дополни дека една од главните обврски е поддршка на државата за изградба на туристичко дегустациони објекти и поддршка при нивното осовременување.

Александар Клинчаров, претседател на Здружение на македонски дестилерии, на настанот информираше дека покренале иницијатива за возобновување на бочварскиот и казанџискиот занает.

- Тоа е еден занает кој порано беше многу развиен и жално е што увезуваме казани од странство, од Србија и убава е иницијативата да се тоа врати на мапата на Македонија и исто така да го вратиме и бочварскиот занает она што е изработката на буриња, имаме многу квалитетен даб благун во македонските шуми за да не увезуваме дабови буриња, рече тој.

Ангелоски ги сподели нивните напори со кои, како што рече, успеале во Законот за нефер трговски практики покрај планираните производи да ги вметнат и ракијата, виното и пивото како традиционални производи кои се произведуваат преку стотина години.

- Особено сме горди за ракијата и за виното затоа што сметаме дека овие производи како традиционални треба да бидат третирани од овој закон и државата со особено внимание да ги анализира ланците на снабдување, особено во големите маркети да не им се создаваат на овие мали семејни компании непотребни, сувишни бариери, дали од финансиска природа, дали од комерцијална природа, туку да им биде овозможено да можат да стигнат до полиците на големите маркети, рече Ангелоски.

Клинчаров информираше дека здружението брои триесет семејни регистрирани дестилерии кои годишно имаат 2.500 литра производство со бандероли.

Ангелоски го поздрави тоа и истакна дека е позитивен пример во кој семејни дестилерии и винарии се трудат да ги подмират обврските.

-  Треба да се поздрави овој чекор бидејќи ако се сеќавате во еден временски период дури и одредени соседни земји кои пристапуваат кон ЕУ имаа бариери, особено за ваквите производи затоа што еден голем дел количински од ваквите производи се произведуваше во онаа сива зона со негарантиран квалитет, со неплатени даноци и останати давачки. Тука имаме еден позитивен пример каде што овие семејни дестилерии и винарии се трудат да ги подмират сите обврски, државата да им го даде заслуженото место да можат на најрегуларен начин со сите подмирени давачки да може да пристапат кон пазарот, рече тој.

Во однос на прашањето за пласманот, Клинчаров одговори дека тоа е еден од нивните најгорливи проблеми.

- Продаваме исклучиво само од праг, во ресторани и на саемите каде што е нашата промоција. И сакаме во овој нареден период да работиме и во таа насока, значи да работиме да не има и во исклучиво специјализирани продавници за жестоки алкохолни пијалаци, да ланецот на производство го прошириме, посочи тој.

Бариерата, како што дополни, е тоа што семејните дестилери се физички лица. На што, претседателотна ССК Ангелоски, дополни дека државата реба да го развие тој дел. 

- Во други земји постои регулатива трговец поединец и мислам дека државата треба да го развие тој дел. За жал, во Македонија не е развиен, во Србија на пример „самостална трговинско занатска радња“ и во Македонија формално има една реченица, меѓутоа треба да го доразвие. Тоа не е ДООЕЛ, тоа не е АД, тоа е трговец поединец и треба да го развие и овој дел да им даде на луѓето најрегуларно да може да си работат, да си ги плаќаат давачките и државата да ги воведе во економскиот правец, рече Ангелоски.

Клинчаров дополни дека се отворени за соработка. 

- На нашата иницијатива и со сите државни органи кај што сме засегнати, и со Царинската управа и со Централен регистар, и со Министерство за финансии и со МЗШВ, сакаме да го решиме тој проблем и сме подготвени и отворени за соработка, дополни Клинчаров.ар/

Фото/видео: МИА

Остани поврзан